Директорот на американската Централна банка, Бен Бернанке вели дека економијата се подобрила, но дека многу семејства и бизниси и натаму се под „интензивен“ економски стрес.
Првиот човек на Федералните резерви во обраќање во Вашингтон истакна дека не е јасно дали опоравувањето ќе може самото да се одржи и додаде дека состојбата со работни места и обезбедување на кредити и натаму не е на завидно ниво.
Во петокот, според владин извештај, нивото на невработеност во САД се намалила за мал дел од процентот, но и натаму изнесува 10 проценти, највисоко во последниве 26 години.
Претставник на Одделот за финансии во понеделникот истакна дека контроверзната програма за спас на економијата од најлошата рецесија со децении наназад, можно е да чини 200 милијарди долари помалку од претходните проценки.
Владината програма обезбеди вонредни заеми за проблематичните банки во САД, производители на автомобили и други компании.
Претставникот на Одделот за финансии додаде дека програмата вредна 700 милијарди долари се отплаќа побрзо од очекувањата, главно поради стабилизирањето на банките.