Hајголемата меѓународна конференција за климатски промени во светот денеска
започна во Копенхаген. Учесниците од преку 190 земји ќе работат на изготвување
на нов договор за прекин на глобалното затоплување.
Многумина од учесниците за време на двонеделната
конференција, ќе бараат начини за контрола на испуштањето на штетните гасови во
атмосферата, што се поврзуваат со климатските промени.
Раководителот на програмата за климатски промени при ОН,
Иво де Боер, повика да се обезбедат 30 милијарди долари помош за сиромашните
земји во напорите да се намали испуштањето на штетните гасови. Де Боер овој фонд на богатите земји за
вонредни ситуации, го опиша како „ургентна потреба".
За време на разговорите воочи самитот, не беше постигнат консензус за тоа колку богатите земји можат да придонесат за да им помогнат на сиромашните земји во изработка на чисти индустрии. Земјите во развој бараат богатите земји да се определат на многу поголеми скратувања на испуштањето на издувни гасови споредено со претходните изјави.
Јужна Африка во неделата понуди да го намали испуштањето на гасовите со ефект на стаклена градина за 34 проценти до 2020 година и 42 процента до 2025 година, условено со поширок меѓународен договор и финансиска помош.