Линкови за пристапност

Нови 79 македонски војници во Авганистан


„Со овој предлог за зголемување на нашето учество, како држава продолжуваме да ги исполнуваме нашите обврски. Со ова, Република Македонија продолжува да биде респектабилен фактор меѓу земјите членки на НАТО“, рече министерот за одбрана Зоран Коњановски, образлагајќи ја пред пратениците на 83-тата седница на македонското Собрание Предлог-одлуката за испраќање на нов контингент од 79 македонски војници во мисијата во Авганистан.

Со одлуката, што пратениците едногласно ја усвоија, се предвидува испраќање на нова единица на Армијата на Република Македонија во мировната операција ИСАФ во Авганистан. Во деветмесечна мисија во февруари следната година ќе заминат 32 припадници на ренџерскиот баталјон, 32 припадници на баталјонот на воената полиција, осумина од полкот за специјални операции за обезбедување високи гости и седум штабни офицери. Тие, заедно со американските војници, припадници на Националната гарда на Вермонт ќе ги обучуваат и кооординираат припадниците на цивилната полиција и на одделни единици на армијата на Авганистан.

Пред одлуката на парламентот, по повод објавувањето на новата стратегија на САД за Авганистан, македонскиот претседател Ѓорге Иванов испрати писмо до американскиот претседател Барак Обама, во кое го поздрави новиот пристап на САД за консолидирање на состојбата во Авганистан и го извести дека Република Македонија планира во иднина постепено да го зголеми своето учество во меѓународните операции до 8 проценти од своите копнени сили до 2018-та година.

„Навистина сум горд што можам да Ве информирам дека Република Македонија дополнително ќе го зголеми своето учество во Авганистан од февруари 2010 година со уште 80 војници. Македонските војници, заедно со Националната гарда на Вермонт ќе земат учество во обучувањето и менторирањето на авганистанските безбедносни сили. Ваквото значително зголемување на учеството за околу 50%, односно 260 распоредени војници, претставува 4% од копнените сили на Армијата на Република Македонија. Со тоа Македонија е една од првите водечки нации со најголемо учество во ИСАФ“, му пишува Иванов на Обама. Тој во писмото потенцира дека Македонија ја потврдува својата приврзаност кон евроатлантските вредности и цели, својата компатибилност со НАТО стандардите и фактички се однесува како нејзин член.

„Убеден сум дека не е далеку денот кога Република Македонија и формално ќе го заземе местото во големото евро-атлантско семејство, кое всушност и го заслужува", му порачува во писмото македонскиот претседател на претседателот на САД.

XS
SM
MD
LG