Договорот СТАРТ – 1 е еден од
најсложените во историјата што се однесуваат на намалување на нуклеарното
оружје. Потпишан беше во 1991 од претседателот Џорџ Херберт Вокер Буш и советскиот претседател Михаил
Горбачев. Влезе во сила во 1994.
Дерил Кимбал, извршен директор на Асоцијацијата за контрола на оружјето, што е приватна истражувачка фирма, вели дека договорот помогнал да заврши Студената војна.
„Тој ги намали американските и
руски стратешки нуклеарни сили од нивото на 1990 – од околу 10.000 распоредени стратешки боеви глави на околу 6.000 до 2001. Тој исто така воспостави далекусежна мрежа и систем за
инспекции на самото место, провизии за верификација и размена на информации да
се додаде на довербата на другиот дека се работи за вистинско придржување
на одредбите на договорот", вели Кимбал.
Френк Милер, поранешен висок
претставник на Националниот совет за безбедност (под претседателот Џорџ В. Буш)
вели дека провизиите за верификација се
круцијални.
„Важно е да се има доверба.
Важно е да има инспекции на теренот. Важно е да има телеметричка размена на
податоци. Така, покрај она што разузнавачките сервиси на секоја од
страните може да го дознаат, договорот
предвидува дополнителни информации на кои се гледа како на средство за градење
доверба", вели Милер.
Дарил Кимбал вели дека
откако е потпишан СТАРТ – 1 САД и Русија
уште повеќе ги намалиле своите
стратешки нуклеарни арсенали.
Во јули претседателот Барак
Обама и неговиот руски колега Дмитри Медведев, се согласија да работат на договор што ќе го наследи СТАРТ
– 1.
Според Кимбал, новиот договор
треба нивоата на распоредени боеви глави да ги намали уште повеќе, некаде меѓу 1.500 и 1.675 нуклерни боеви глави и на
помалку од 800 стратешки системи за пренос на нуклеарните глави.
Двете страни се надеваа
дека ќе го имаат договорот до 5
декември, денот кога истекува важењето на СТАРТ – 1. Но сега руските и
американските претставници велат дека
целат на крајот на годинава.
Москва и Вашингтон се уште имаат разлики што треба да се премостат, вели Френк Милер: „Има две групи прашања. Едната е поврзана со бројот на боевите глави и лансирачи што секоја од страните ќе ги задржи според договорот, но руската страна не се согласува и со многу од провизиите за инспекции на стариот договор."
Аналитичарите велат дека дури и по договорот на двете страни за сите тие прашања, пактот мора да биде ратификуван од американскиот сенат и од рускиот парламент, или Дума. Тој процес, велат стручњаците, може да трае со месеци.