Американската армија соопшти дека повеќе од 1.000 војници на НАТО, повеќето од САД, почнаа нова офанзива во клучно упориште на Талебан во јужен Авганистан.
Воени официјални лица соопштија авганистанските сили исто така учествуваат во операцијата во провинцијата Хелманд.
Офанзивата под име „Гневот на кобрата“ има цел да ги истера бунтовниците од долината Нау Зад во провинцијата Хелманд, да лоцира поставени мини, патни бомби и друг експлозивен материјал.
Операцијата доаѓа три дена откако претседателот Барак Обама вети распоредување на дополнителни 30.000 американски војници во Авганистан. Обама рече дека дополнителните војници ќе помогнат во олеснување на трансферот на одговорноста за безбедноста во раце на авганистанските сили и ќе им овозможат на американските сили да заминат од земјата до јули 2011-та.
Повеќето од новите војници се очекува да бидат распоредени во јужниот дел од Авганистан, каде талебанското бунтовништво е најсилно.
Провинцијата Хелманд произведува најголем дел од опиумот во Авганистан, од каде се снабдува 90 проценти од хероинот во светот, а оваа трговија е клучен извор на приходи за талебанските бунтовници.