Линкови за пристапност

Втор ден од распитот во Конгресот за стратегијата во Авганистан


Втор ден на распит во Сенатската комисија за односи со странство за новата стратегија на владата на претседателот Барак Обама за Авганистан, на кој сведочеа државната секретарка Хилари Клинтон, секретарот за одбрана Роберт Гејтс и началникот на здружениот генералштаб, адмиралот Мајкл Мулен.

Тие одговараа на тешки прашања за плановите на Обама да испрати дополнителни 30.000 војници кои ќе се борат против силите на Талебан и Ал Каида во Авганистан. Владините претставници истакнаа дека новата стратегија ќе го одврати моментот на Талебан и ќе ги засили способностите на авганистанските безбедносни сили.

Претседавачот со Комисијата, сенаторот – демократ Џон Кери, изрази загриженост за тоа дали во Авганистан постојат доволно авганистански трупи кои би биле во партнерство со американските војници.

Влијателниот републиканец во Комисијата за односи со странство, сенаторот Ричард Лугар, подвлече дека потребни се дополнителни дискусии да се утврди дека мисијата е толку важна за националната безбедност, што ќе ги оправда огромните трошоци и распоредување на војници на кои отпаѓа голем дел од американските вооружени сили. Тој кажа и дека не е јасно како засилувањето се справува со проблемот на засолништата на Талебан и Ал Каида во Пакистан.

Гејтс на распит во Конгресот во средата рече дека е клучно да се подобри безбедноста во Авганистан, а Клинтон дека новата стратегија е најдобар начин за заштита на САД.

XS
SM
MD
LG