Линкови за пристапност

Поранешни советски генерали го критикуваат планот на Обама за Авганистан


Рускиот ТВ-канал „Вести 24“ јави од Вашингтон дека претседателот Обама го објавил неговиот план пред пријателски расположена публика во Академијата „Вест поинт“, наместо пред Конгресот, каде можеби ќе се соочел со отпор. Во извештајот се цитира конгресменот од Охајо и анти-воено ориентиран Денис Кусинич, кој рекол дека американските лидери требало да ја научат лекцијата од Русија, која се повлече од Авганистан.

Пензионираниот генерал Борис Громов беше последен командант на советската армија во Авганистан и последен војник кој замина од таа земја. Зборувајќи во февруари на 20-годишнината од советското повлекување, Громов рече дека бројката на војници нема ефект врз воената состојба во Авганистан.

Пензионираниот генерал вели дека не може да се решат политичките проблеми со воени средства.Најважно е, вели Громов, што тоа беше катастрофално за советската армија и поразително за тогашната владата. Тој додаде дека лекцијата е важна не само за Русија, туку дека треба да ја научат и другите земји.

Громов вели дека народот на Авганистан е најверојатно најголем љубител на слободата во светот и отфрлаат странско мешање од принципиелни причини.

Неговиот претходник, советски командант, генералот Игор Родионов се согласува со него. За Гласот на Америка тој рече дека зголемувањето на силите привремено ќе го намали бројот на жртви, но насилството повторно ќе се врати. Причина за тоа е што војната не била започната на воен фронт.

Родионов вели дека советските сили не ја разбрале улогата на етничките заедници во Авганистан, додека не било доцна. Тој додава дека советските лидери првично ги отфрлиле, како што рече, здодевните и упорни напори на успешните авганистански кралеви во минатото насочени кон многубројните етнички групи, вклучувајќи ги Паштуните, Таџикијците и Узбекистанците.

Главниот воен советник на Советската армија во Авганистан, поранешниот генерал Махмут Гарејев, вели дека американските и силите на НАТО посветуваат многу помало внимание на етничкиот фактор отколку што тоа го правеле советските сили. За Гласот на Америка, тој рече дека Паштуните, кои сочинуваат повеќе од 40 проценти од авганистанската популација, се еден од двата клучни фактори во земјата. Гарејев вели дека Паштуните се најголема и најактивна етничка група во Авганистан и дека консолидирана нација е можна само со нивно интегрирање. Вториот фактор е, вели Гарејев, дека Авганистан никогаш немал силна централизирана власт. Тој вели дека таквата власт никогаш нема да биде признаена во земјата. Подобро решение претставува да им се даде поголема автономија на етничките групи, смета тој.

Генералот Родионов предупреди на зголемување на бројот американски жртви, и дека Американците остануваат без верба, а разнишана е поддршката меѓу сојузниците. Тој смета дека одлуката на претседателот Обама за зголемување на бројот на војници во Авганистан е политичка.

Генералот Радионов кажа дека не се радува на маките на Америка во Авганистан. Тој изрази жалење што Советскиот сојуз не ја научил лекцијата од Америка во југоисточна Азија, со искуството во Виетнам.

XS
SM
MD
LG