Линкови за пристапност

Загрижувачка распространетост на инфекции добиени во болница


Инфекциите што се случуваат во болници се се` почести и потенцијално опасни за пациентите кои може да починат ако микробите станат отпорни на антибиотици.

Ова го вели нова студија од меѓународeн тим истражувачи, кои анализираа податоци за речиси 14.000 пациенти кои се лекувани во 75 оддели за интензивна нега ширум светот.
Информацијата е собрана од само еден ден во мај 2007-ма, и е анализа за симптомите на пациентот, бактериолошкиот статус и исходот од лекувањето.

Доктор Стивен Опал е специјалист за инфективни заболувања при Школата за медицина на Универзитетот Браун во Провиденс, Род Ајленд: „Изненадувачки е што во одделите за интензивна нега во било кој даден момент, во светот има 51 процент од пациентите кои се инфицирани, а 71 процент се на третман со антибиотици“.
Злоупотребата или прекумерното користење на антибиотици може да го направи неефикасено лекувањето на инфекциите, вклучувајќи ги и бактеријата стафилокока, која живее на, е-коли бактеријата што нормално ја има и е безопасна во цревата, и псеудомонас, што живее на влажни места како лавабоа, антисептични раствори и уринарни рецептори.

Смрт може да настапи ако било која од овие бактерии влезе во телото и се развие поради отпорноста на организмот на антибиотици.

Доктор Опал вели дека пациентите честопати немаат симптоми кога ги донесуваат инфекциите со себе во одделите за интензивна нега. На други пациенти им се даваат антибиотици за време на подготовката за операција или пак, некои заболуваат за време на престојот во болница.

“Најзагрижувачки аспект во студијата е количеството на антибиотици што се користи врз пациентите во одделите за интензивна нега, што промовира отпорност на антибиотици во болницата и прави хаос во организмот на пациентите“, вели доктор Опал.

Истражувањето покажа дека инфекциите се помалку присутни во развиените земји отколку во земјите во развој. Јужна и Централна Америка имаат највисока стапка на болнички инфекции, а Африка има најмалку.

Истражувањето, заедно со препораките од доктор Опал, се објавени неделава во Журналот на американската медицинска асоцијација.

XS
SM
MD
LG