Линкови за пристапност

Американските законодавци со мешани реакции за новата авганистанска стратегија


Американските законодавци по новата авганистанска стратегија на претседателот Обама имаат поделени мислења, а некои членови, вклучувајќи и припадници од партијата на самиот претседател, изразија загриженост за одлуката да испрати дополнителни војници во Авганистан.

Американскиот потпретседател Џо Бајден за Си-Би-Ес рече дека администрацијата на Обама ги зацртала целите на мисијата во Авганистан. Тој рече дека Обама ги изложил интересите на САД на начин што ќе им дозволи на американските војници да се повлечат што е можно побрзо додека „земјата ќе може се грижи сама за себе“.

Американскиот сенатор Џон Мекејн ја поздрави одлуката на претседателот да испрати дополнителни 30.000 војници во Авганистан. Поранешниот републикански претседателски кандидат за Си-Би-Ес рече дека засилувањата, заедно со дополнителните војници од НАТО, значи дека ќе има доволен број сили во Авганистан за борба против бунтовништвото.

Мекејн изрази несогласување со најавата на Обама за одредување датум за повлекување на американските сили, истакнувајќи дека таквата одлука само ќе го охрабри непријателот, а ќе ги обесхрабри пријателите во регионот.

Во вторникот демократскиот сенатор Расел Фајнголд рече дека испраќањето повеќе војници може натамошно да го дестабилизира Пакистан. Тој рече дека конгресот може да го замрзне финансирањето, ако претседателот најави значително зголемување на американски војници.

XS
SM
MD
LG