Мажот и жената кои минатата недела беа на државната вечера организирана од претседателот Обама во Белата куќа, без да бидат поканети на неа, негираа дека „упаднале на забавата“.
Тарек Салахи и неговара сопруга Микел за телевизијата Ен-Би-Си изјавија дека поседуваат електронски пораки како доказ дека тие всушност биле поканети на настанот. Тие одбија да откријат кој точно ги поканил и не обелоденија никаква документација.
Портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс го порекна тврдењето на брачниот пар, велејќи дека на Салахи на неколкупати им било кажано пред вечерата дека не можат да добијат покана да присуствуваат на неа.
Тарек Салахи и неговата сопруга рекоа дека соработуваат со Тајната служба во рамки на истрагата што е во тек.
Весникот Вашингтон пост брачниот пар го опишува како луѓе од џет-сетот со аспирација да станат ѕвезди на реално тв-шоу. Тајната служба вели дека Салахи минале низ детектори за оружје, како и другите гости на настанот, и не била утврдена никаква опасност. Агенцијата додаде дека при проверките во Белата куќа не биле следени соодветни процедури при пропуштањето на двојката.
Според извори блиски на истрагата, Салахи имале размена на електронски пораки околу организирање на настанот со Мишел Џонс, вработена во Одделот за одбрана. Џонс изјави дека таа експлицитно му кажала на брачниот пар дека немаат влезници за настанот и дека таа нема никакви овластувања нивните имиња да ги додаде на листата на гости.
Во меѓувреме, Комисијата за домашна безбедност во Претставничкиот дом за четврток закажа распит на кој ќе се дискутира како брачниот пар успеал да биде дел од настанот во Белата куќа, организиран во чест на индискиот премиер Манмохан Синг.
Двојката Салахи веднаш по вечерата на нивната веб страница на Фејсбук објавила фотографии со американскиот потпретседател Џо Бајден, со шефот на кабинетот на Белата куќа Рам Емануел, со американски маринци и други.