Линкови за пристапност

Која е цената на војната во Авганистан?


Во време кога преку 10 проценти од работната сила е без работа, фискалниот дефицит достигна 1,4 трилиони долари, а земјата дебатира како да плати за домашните приоритети како здравствената реформа, прашањето е едноставно – дали САД може да си дозволат проширување на операцијата во Авганистан додека и натаму имаат голем армиски товар во Ирак?

Независниот сенатор Берни Сандерс од Вермонт,кој самиот се опишува како „демократски социјалист“, вели - не.

„Се наоѓаме во најтешка економска рецесија од Големата депресија. Американската средна класа пропаѓа. Имам проблем со проширувањето на војната додека остатокот од светот седи настрана и вели – убаво е што американските даночни обврзници и армијата ја вршат работата што треба да ја врши остатокот од светот“, смета Сандерс.

Коментарот на Сандерс е сличен на дел демократските законодавци кои сметаат дека војната треба да биде финансирана од специјален воен данок, а не со натамошно зголемување на националниот долг. Но, демократите од политичкиот центар и речиси сите републиканци тврдат дека и покрај големите трошоци, ова е војна што САД не може да си дозволат да ја загубат во ерата на милитантен екстремизам и меѓународен тероризам.

„Авганистан не е кое било место на планетава. Таму Талебан презеде контролата откако Русите си заминаа, се поврза со Ал Каида и ја нападна оваа земја, при што загинаа 3.000 Американци. Се надевам дека претседателот во вторник ќе му каже на светот, на нашите трупи и на сите кои ќе слушаат – дека тоа нема повторно да се случи“ изјави сенаторот Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина.

Анкетите покажуваат дека американската поддршка за мисијата во Авганистан опаѓа. Ова се изјави на некои од граѓаните:

„Треба да се повлечеме. 75-те милијарди долари дополнителни средства за Авганистан да се употребат за здравствена грижа и образование“, вели Нил Константинопол.

„Војната во Авганистан е за безбедноста во САД, барем до одреден степен. Тоа е одговорност на федералната влада, а не да пружа здравствена грижа за Американците“, смета Даг Реинстром.

„Мирот и слободата понекогаш имаат своја цена и таа мора да се плати“, изјави граѓанин кој побара да остане анонимен.

Убедувањето на Американците да ја поддржат натамошната операција во Авганистан ќе биде еден од главните предизвици на вечерашниот говор на претседателот Обама.

XS
SM
MD
LG