Линкови за пристапност

Живот со Алцхајмерова болест


Алцхајмеровата болест е најчеста форма на деменциа. Ги напаѓа мозочните нервни клетки, ја осиромашува меморијата и го попречува мислењето и говорот. Во моментов е шеста водечка причина за смрт во САД.

„Секои 70 секунди, некој е дијагностициран со Алцхајмерова болест", вели Мајкл Реган, популарен водител на радио емисија од разговорен формат, и син на поранешниот претседател Роналд Реган, кој е можеби најпознатата жртва на болеста.

Мајкл Реган вели дека речиси од времето кога татко му за прв пат разбрал дека е болен, тој бил дел од националната кампања да се крене јавната свест за оваа тешка болест.

„Во ова сум долго време, откако татко ми напиша писмо во 1994 кажувајќи му на светот дека има Алцхајмерова болест, гледајќи низ што тој минуваше од година во година, и конечно завршувајќи во кревет за пред пет години да почине. Затоа сум во ова", вели Реган.

Тој ги охрабрува луѓето со оваа болест и оние кои се грижат за нив да бидат проактивни во барањето грижа.

„Треба да кажете – што треба да сторам за да помогнам? Обидете се да ги натерате луѓето, членовите на вашето семејство, да одат на клинички тестови, преку clinicaltrials.gov и да видите кој од нив највеќе ви одговара. Зашто, ако не одат луѓето на вакви тестови, нема да имаме ни лек за болеста во иднина.

Неврологот Марван Сабаг, директор на клиничкото истражување во „Banner Sun Health" во Сан Сити, Аризона, се согласува. Тој вели дека истражувачките центри во земјата секогаш имаат потреба од пациенти со Алцхајмерова кои сакаат да пробаат нови третмани.

„Многу тестирања се во тек во моментов. Ние испитуваме нови лекови за подобрување на симптомите, но и за модифицирање на болеста, што во суштина е забавување на нејзиниот напредок. Тестови има, но императив е луѓето да учествуваат", вели Сабаг.

Иако се` уште не е најден лек, доктор Сабаг вели дека е направен значителен напредок во изминативе 15 години за подобро разбирање и справување со болеста:
„Пред 15 години, немавме никаков третман за Алцхајмеровата болест. Сега имаме околу четири или пет лекови што се даваат на рецепт за третирање на болеста. Освен тоа, за разлика од 1994 кога практично немаше никакви студии и тестови, сега има 75 клинички тестови што се во тек во САД со уште други 200 лекови во процес на развој што стојат зад нив".

Благодарение на некои од овие нови стратегии за третман, сега е возможно да се забави напредокот на Алцхајмеровата болест, вели доктор Дејвид Крампакер, психијатар од Тексас кој специјализира на болеста. Уште поважно, додава тој, е луѓето да знаат повеќе за болеста за да можат да ги препознаат раните симптоми.

„Некои од тие симптоми се проблеми со краткорочната меморија, можеби губење во соседството каде лицето живеело со години. Но Алцхајмеовата влијае и на други сфери, вклучувајќи го јазикот, способноста да се учествува во конверзација, следење на разговор. Сега стратегиите за третман се фокусираат на сите овие аспекти, подобрувајќи ја меморијата, нивните јазични способности и способноста на болниот да учествува во семејни активности. Тоа додава радост во нивниот живот", вели доктор Крампакер.

Зголемената свест за болеста на некои може да им помогне да го одложат појавувањето на болеста. Мајкл Реган вели дека се труди да живее здрав живот, во надеж дека ќе ги намали своите шанси да ја добие болеста.

„Вежбам, се трудам да бидам активен колку што повеќе можам. Тоа се работи што можете сами да ги направите за да си помогнете", вели Реган.

Тој е на здрава диета, чита и учи нови вештини за подобрување на меморијата за да го запре појавувањето или да го забави напредокот на болеста. Реган се надева дека еден ден ќе може да се смени статусот на оваа болест од смртоносна, што го уништи умот на неговиот татко, во хронична болест со која жртвите и нивните семејства ќе можат да се справуваат со достоинство, па дури и со надеж.

XS
SM
MD
LG