Линкови за пристапност

Британија испраќа дополнителни 500 војници во Авганистан


Британскиот премиер Гордон Браун рече дека одлуката за испраќање дополнителни 500 војници во Авганистан е заради одржување на безбедноста во Британија:

„Се додека три-четвртини од најсериозните терористички заговори против Британија се поврзани со авганистанско-пакистанската погранична област, нема да успееме ако не соработуваме со нашите сојузници во решавање на проблемот таму каде што почна. Постабилни и побезбедни Авганистан и Пакистан, ќе помогнат за побезбедна Британија“, вели Браун.

Иако Ал-Каида е способна да оперира насекаде во светот, вклучувајќи ги Сомалија, Јемен, и преку форумите на интернет, Браун вели дека Авганистан е особено важен:

„Се додека пограничните области меѓу Авганистан и Пакистан се локација што ја избира Ал-Каида и се епицентар на глобалниот тероризам, оценка на владата е дека треба да се справиме со терористистичката закана во нејзиното извориште.“
Британија испраќа нова опрема за поддршка на војниците – хеликоптери, блиндинирани возила, направи за воздушно разузнавање и обучен персонал за де-активирање бомби.

Маршалот Џок Стирап е шеф на британските сили:

„Севкупно, околу 9500 војници, кои ќе бидат распоредени во Авганистан во декември ќе бидат подобро опремени и на многу повисоко ниво на готовност, отколку кога имавме 9000 војници во август“, вели Стирап.

Со специјалните сили, Британија ќе има повеќе од 10.000 војници во Авганистан. Гордон Браун вели дека долгорочната безбедност на Авганистан ќе биде најдобро осигурана со обука на авганистанската армија и полиција, изградбата на граѓанската влада на локално и национално ниво, како и преку економски развој, што ќе им овозможи подобра перспектива на Авганистанците.

Браун вели дека генералниот секретар на НАТО го уверил дека и други нации ќе ја зголемат бројката војници во Авганистан.

XS
SM
MD
LG