Линкови за пристапност

Македонија без визи во Европа


Со формалното објавување на одлуката за укинување на визите од шведскиот министер за миграција и азил Тоби Билстром и од потпретседателот на Европската комисија Жак Баро, граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора и официјално - од 19 декември годинава ќе можат да патуваат во државите членки на Унијата без визи, со што значајно се придонесува и кон процесот на евроинтеграција на земјите од Балканот.

„Одлуката за укинување на визите е од исклучителна важност за натамошниот развој на односите меѓу трите држави и Европската унија. Нивните граѓани ќе можат да го прослават Божик со пријателите и роднините во земјите од шенгенскиот простор каде што отсега можат да влегуваат без визи", изјави министерот Балстром, кој со потпретседателот на ЕК Баро, учествуваше на денешниот состанок на Советот на министри за внатрешни еработи и за правда на државите - членки на Унијата на кој беше донесена долго очекуваната одлука за визна либерализација. Според Баро паѓањето на визната бариера е историска одлука за приближувањето на Западниот Балкан кон Унијата.

Европската комисија на 15 јули предложи укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година откако трите земји ги исполнија зададените услови за визна либерализација, а по усвоениот предлог на Словенија, одлуката сега ќе се применува порано, од 19 декември, годинава.

Со денешната одлука на Советот на министри за внатрешни работи и за правда трите балкански држави се префрлаат од „црната" на „белата" Шенген листа, со што на граѓаните на Македонија им се овозможува патување во 25 од 27-те земји членки на Унијата, освен Велика Британија и Ирска, како и во Норвешка, Швајцарија и Исланд. Безвизниот режим важи и за соседна Грција која не ги признава македонските пасоши, па македонските граѓани на влез во Грција ќе мора да пополнуваат лист со печат од грчките царински власти што ќе го приложуваат при излез од Грција. Исто така, безвизниот режим ќе важи и за Романија и Бугарија кои не се дел од Шенгенскиот простор но ги спроведуваат одлуките на ЕУ.

Од 19 декември безвизниот режим ќе важи за македонските граѓани со биометриски патни исправи, а оние со стари пасоши и покрај олеснетиот режим ќе треба да имаат важечка шенген виза.

Според МВР, досега се издадени над 480 илјади биометриски пасоши во Македонија

„Одлуката за визната либерализација е долгоочекувано добредојде за нашите граѓани во заедницата на рамноправни и слободни граѓани на Европа", оцени претседателот на Македонија Ѓорге Иванов. Според него, „визната либерализација претставува огромен чекор поблиску до ЕУ и го зголемува чувството на заедничка припадност во големото европско семејство", а Владата и сите надлежни министерства и институции „покажале дека се на ниво на високите стандарди кои биле поставени пред нив".

Претседателот им се заблагодари на македонските граѓани за трпението за спроведување на реформите и за нивното разбирање за сите тешкотии со кои се соочуваат при тоа, и им честита и на граѓаните на Србија и на Црна Гора.

Иванов изрази и задоволство што „ЕУ останала достојна на големата визија за обединет и отворен континент" и потенцираше дека „Македонија продолжува со исполнувањето на реформите, со натамошно отворање на своето општество и промовирање на демократските европски вредности", како и дека „Македонија и нејзините институции имаат волја и капацитет и целосно се подготвени да ги почнат преговорите за членство во Унијата и да ги пресретнат и да се носат со предизвиците од овој процес".

Укинувањето на шенген визите за македонските граѓани денес го поздрави и македонското МНР, според кое „укинувањето на визите е голема и практична придобивка која ќе овозможи зголемена мобилност, размена на идеи, унапредување на соработката во сите сфери на опшественото живеење и ќе го катализира процесот на европеизација на македонското општество". Според МНР, одлуката на Министерскиот совет особено ќе биде важна за младите генерации граѓани „кои се главните носители на развојот на Република Македонија во идна земја-членка на ЕУ".

Според соопштението на Министерството, „Република Македонија продолжува со реформите во областа на правдата и внатрешните работи, пред се` во функција на безбедноста на сопствените граѓани, со што придонесува и во формирањето зона на правда, слобода и безбедност на европскиот континент".

XS
SM
MD
LG