Линкови за пристапност

Обама се очекува да ги изнесе плановите за повлекување од Авганистан


Весникот Њујорк Тајмс вели дека претседателот Барак Обама ќе изнесе и план за завршување на војната во Авганистан кога ќе ја објави новата авганистанска стратегија во вторник.

Весникот во своето понеделничко интернет издание цитира високи претставници на администрацијата кои велат дека претседателот ќе биде „поексплицитен за целите и за временските рокови" поврзани со војната отколку што неговата администрација била во претходните јавни дискусии.

Обама ќе ја изнесе и образложи својата одлука за испраќање на, како што се очекува, дополнителни 30,000 трупи во војната против милитантните екстремисти во Авганистан. Официјалните лица за весникот изјавиле дека претседателот исто така ќе зборува како планира да ја префрли борбата кај авганистанската влада.

Тие не го открија планот на претседателот за излез од земјата, велејќи само дека тој нема да биде толку цврст како сегашниот распоред за повлекување на трупите од Ирак.
Републиканските и демократските законодавци кажаа дека ќе го поддржат зголемувањето на трупите, но некои изразија загриженост заради поставувањето рокови за авганистанската влада и изнесување на американска излезна стратегија за војната.

Во саботата британскиот премиер Гордон Браун изнесе распоред за претседателот Хамид Карзаи да објави клучни безбедносни и политички рокови.

Браун кажа дека би сакал „кредибилен план" за обука на повеќе авганистански трупи до 28 јануари, кога Британија ќе биде домаќин на меѓународна конференција за Авганистан. НАТО сојузниците, клучните светски сили и регионални соседи ќе присуствуваат на лондонската кнференција.

XS
SM
MD
LG