Линкови за пристапност

Падна втората жртва на свинскиот грип во Македонија


Претседателката на Комисијата за пандемски грип, д-р Јованка Костовска и официјално ја потврди втората жртва на пандемскиот грип во Македонија. Станува збор за пациент роден 1932-та година, болен од хронична опструктивна болест на белите дробови, кој починал во понеделникот на Клиниката за анимација, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), каде што бил поставен на респиратори.

Според д-р Костовска, пролoнгирањето на соoпштувањето на јавноста за вториот смртен случај од грип од типот А (Х1Н1) било поради чекањето на официјалните податоци од Градскиот завод за здравствена заштита за причините за смртта и на анализите на случајот.

„Станува збор за пациент кој претходно се лекувал на Клиниката за пулмологија со хронично опструктивно заболување на белите дробови од кое страдал со години. Префрлен бил на интензивна нега во КАРИЛ, поставен на респиратор, но по ден-два починал“, изјави д-р Костовска, според која пациентот ќе биде пријавен во СЗО како втор починат, бидејќи според насоките на СЗО, сите пациенти кои имаат хронично заболување, а биле заболени од пандемиски грип, мора да и се пријават.

Посебна комисија во Скопје ќе ја испитува соодветноста на третманот и начинот на кој бил лекуван починатиот пациент. Според здравствените власти, во КАРИЛ, каде починал пациентот, се преземени сите превентивни мерки и активности за дезинфекција и изолација на останатите пациенти на кои им е земен брис.

Според македонските медиуми, уште еден пациент што бил сместен во КАРИЛ е префрлен да се лекува на Инфективната клиника, поради сомневање дека и тој заболел од новиот грип, а не се исклучуваат и други случаи.

Во Македонија досега се регистрирани 694 заболени од грипот А (Х1Н1), од кои 90 отсто се излекувани. На Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани вкупно 65 заболени, од кои една пациентка е во критична состојба.

Комисијата за пандемски грип и понатаму опстојува на ставот дека вакцинирањето е најефикасниот начин за борба против пандемијата, но се` уште е неизвесно кога ќе стигнат нарачаните вакцини. Со првите 5.000 вакцини - донација од Турција, досега се вакцинирани над 500 лекари, а здравствените власти изразуваат надеж дека вакцинацијата кај здравствените работници ќе се интензивира во наредниот период, и покрај извесните резерви кај дел од лекарите во однос на испитувањата на квалитетот на вакцината.

Министерството за здравство порачало и дополнителни 20 илјади вакцини, директно од производителот „Бакстер“.

Министерот за здравство д-р Бујар Османи изјави дека се очекува пристигнување на вакцините со кои треба да се заштитат граѓаните од ризичните групи: децата до возраст од 36 месеци, хронично болните и бремените жени.

„Битно е во секој момент да има вакцини. Сега се трошат 5.000 дози, а има и други алтернативни опции за дополнителни 20.000 дози. Ќе има вакцини за сите што ќе сакаат да се вакцинираат“, рече Османи.

XS
SM
MD
LG