Линкови за пристапност

Македонија, Србија и Црна Гора на чекор до без визи во Европа


Во понеделник во Брисел започнува седницата на Советот на министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ, на која се очекува Македонија заедно со Црна Гора и Србија да бидат префрлени од црната на белата Шенген-листа, што конечно ќе значи и либерализација на визниот режим меѓу земјите-членки на ЕУ од Шенген-зоната и трите држави од Западниот Балкан.

Либерализацијата на визниот режим на сила стапува на 19-ти декември. Од тој ден граѓаните на трите држави слободно ќе можат да патуваат во Шенген-просторот на ЕУ. Во ЕК и Советот на министри нагласуваат дека оваа либерализација не значи и право за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора да престојуваат подолго од три месеци или да работат во било која од земјите на Шенген-просторот.

Шенген просторот ги поразбира сите земји-членки на ЕУ со исклучок на Ирска и Велика Британија, кои се` уште сметаат дека не е во нивен интерес да бидат дел од оваа политика на ЕУ, како и земјите како Романија и Бугарија, кои се кандидати да станат дел од Шенген-просторот, но се` уште не ги исполниле потребните услови.

Либерализацијата на визниот режим подразбира и слободно патување на македонските граѓани во соседна Грција, со тоа што останува Грција да предложи модалитет за реализација на оваа одлука, со оглед на тоа што не ги признава патните исправи на Република Македонија.

Одлуката на Советот на министри за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ ќе биде донесена врз претходната анализа на ЕК за тоа дека Македонија целосно ги исполнила условите поставени од бриселската админстрација. Црна Гора и Србија останува до стапувањето на сила на одлуката да исполнат уште некои од условите кои се зацртани на листата. Оваа препорака на ЕК за либерализација на визниот режим беше поддржана и од ЕП.

Европратениците побараа од Советот на министри да нагласи дека либерализацијата на визниот режим ќе се случи и за Босна и Херцеговина и Албанија, веднаш откако и овие две балкански држави ќе ги исполнат неопходните критериуми.

XS
SM
MD
LG