Линкови за пристапност

По средбата Груевски-Папандреу: остануваат разликите, но и желбата да се разговара


Освен знак дека постои волја да се разговара, средбата Груевски Папандреу во Винени-Пили на грчкиот брег на Преспанското Езеро не донесе ништо ниво. Средбата на премиерите на Македонија и Грција, која беше поинтересна одошто вистинската причина зошто тие се заедно со албанскиот претседател Бериша се најдоа токму на ова место, заврши онака како што во нејзиното предвечерие беше најавувана од Атина и од Скопје.

„Ми беше соопштено дека грчката страна останала на позициите што ги презнетираше нивниот преговарач во Њујорк, како со името, така и со идентитетот, и во тој поглед не можам да кажам дека имаме некаков напредок, изјави премиерот Никола Груевски по средбата“.

Македонија останува во преговорите кои ќе продолжат во Њујорк, а ќе има и директни средби, најави Груевски. Тој оцени дека контактите се добри и корисни, но не секогаш носат резултати. Пораката од македонска страна била - со блокади и уцени нема напредок.

„Она што исто така го побарав од г-динот Папандреу е уште еднаш да размислат за она што треба да се случи во декември, односно за неставање блокада на Република Македонија и добивање на датум за почеток на преговорите. Укажав дека искуствата од минатото, особено од Букурешт, покажуваат дека тоа не е начинот со кој некој ќе се принуди да направи нешто што не може да го направи. Напротив, букурешкото искуство дополнително ги влоши односите и не` оддалечи“, рече Груевски.

Неколку часа подоцна, преку грчките медиуми стаса и пораката од Папандреу. Според грчкиот премиер, не може еден повеќегодишен спор да биде решен за неколку дена и тој проценува дека за тоа ќе бидат потребни од неколку месеци, до една година.

XS
SM
MD
LG