Поборниците за заштита на животната средина ги поздравија одлуките на американскиот претседател Барак Обама и кинескиот премиер Вен Џиабао да присуствуваат на самитот за климатските промени во Копенхаген следниот месец.
Од ОН, до Светскиот фонд за заштита на природата - стручњаците за климатски промени велат дека присуството на државниците од САД и Кина ќе претставува дополнителен поттик во напорите за постигнување меѓународен пакт во справување со глобалното затоплување.
Самитот доби поттик неделава кога Вашингтон и Пекинг ги најавија неочекуваните планови за намалување на емисијата на јаглерод-диоксид до 2020-та. Тие планови не се толку амбициозни како оние на земјите од ЕУ, и европските лидери се поделени дали да ги поздрават, или да се извршат дополнителен притисок.
Директорот за европската климатска политика на организацијата за заштита на животната средина Гринпис неделава изрази разочараност дека Обама според најавената сатница ќе замине од Копенхаген пред да се одржат најтешките преговори на Самитот за усогласување на односот спрема глобалното затоплување.
Самитот во Копенхаген ќе се одржи меѓу 7-ми и 18-ти декември. Разговорите на највисоко политичко ниво се закажани за крајот на средбата.