Во петок на остров во грчкиот дел на Преспанското Езеро ќе се одржи трилатерална средба меѓу премиерите на Македонија, Албанија и Грција.
Официјално, средбата е посветена на еколошките прашања од интерес на трите држави, но сепак повеќе од јасно е дека главен настан ќе биде билатарелната средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Никола Груевски и Јоргос Папандреу, од која се очекува одмрзнување на процесот на преговори за решавање на проблемот со името, со што би му се овозможило на Советот на министрите на ЕУ на 7-ми декември да даде зелено светло за препораката на ЕК за почеток на преговори за членство со Македонија.
Конечно решение на проблемот со името нема да има - тоа го тврдат и политичарите и аналитичарите, но сепак постои оптимизам дека ќе се случи напредок.
Премиерот Груевски не очекува решение на името на средбата со Папандреу, но смета дека тоа ќе даде позитивен импулс. Груевски изјави дека очекува на средбата да се разговара за сите прашања што ги засегаат двете страни.
Слични најави за оваа средба стигнаа и од официјална Атина.
Опозицијата во Македонија ја поздрави средбата.
„Досега, волја за директни и за суштински преговори не постоеше. Се надевам - бидејќи целата власт и целокупната одговорност е во рацете на власта и на премиерот Груевски - дека тие се свесни за историската шанса и историската одговорност која ја имаат“, изјави Андреј Петров од СДСМ.
Коалиционите партери на Груевски во ДУИ очекуваат дека средбата во грчкиот дел на Преспа ќе донесе резулатат кој ќе овозможи Македонија да добие датум за почеток на преговори.
,,Кои ќе бидат модалитетите, кои поволности ќе ги даде Брисел - во овој момент никој не може тоа да го предвиди. Меѓутоа, ние како држава ќе треба дефинитивно да дадеме сигнал дека овој проблем сериозно во наредните три-четири месеци ќе го решиме“, изјави пратеникот Џавад Адеми од ДУИ.
Аналитичарите во Македонија исто така не очекуваат драматичен преврт на овој стар грчко-македонски спор, но сепак и кај нив владее оптимизам дека средбата ќе донесе политички сигнали што би му овозможиле на Советот на министрите на ЕУ да донесе одлука за почеток на преговори за членство.
Според поранешниот минстер за надворешни работи Слободан Чашуле, утрешната средба ќе донесе нова позитвна клима во односите меѓу двете држави.
„Брисел може, врз основа на подобрувањето на дијалогот меѓу двете држави, што води кон кревање на односите меѓу двете земји, да даде едно решение кое ќе биде условено - датум за почеток на преговори, а до почнувањето на преговорите да се елиминираат и разликите околу името“, изјави Чашуле.
Според професорот Мерсел Биљали и самата утрешна средба е веројатно договорена со лобирање на меѓународната заедница и оттаму се очекува тоа што за почеток е доволно - тргнување на работите од мртвата точка.
Во секој случај утрешната средба Папандреу – Груевски носи нова надеж за перепективите на Македонија во евро-атлантските интеграциони процеси.