Линкови за пристапност

Американците ги бројат благодетите за Денот на благодарноста


Со традиционално печено мисиркино и сос од дренки, парада во Њујорк, и во круг на семејството и пријателите, Американците на крајот на ноември искажуваат благодарност за своите благодети.

Денот на благодарноста е едно од најамериканските нешта. Првите англиски доселеници биле благодарни што домородното население им покажало како да одгледуваат храна и да ловат во новите услови. Во 1621-ва, организирале гозба во таа чест. Во 1863-та, претседателот Абрахам Линколн го прогласил последниот четврток во ноември за празник - Ден на благодарноста, и, до ден-денес Американците секоја година на овој ден ги бројат своите благодети.

Претседателот Барак Обама им посака среќен празник на сонародниците со ветување дека нема да запре додека економијата не се обнови и стане уште посила од порано, фокусирајќи се на проблемот со невработеноста. Во средата со целото семејство во народна кујна во Вашингтон делеше вечера на бездомните. Претходно, традиционално помилува мисирка. 20-килограмската птица под името Храброст така избегна да се најде на трпезата и ќе биде дел од празничната парада во Дизнилед во Калифорнија.

Кога сме кај парадите, Денот на благодарноста не може да се замисли без големата во Њујорк на ланецот стоковни куќи Мејси, што се одржува веќе 83 години, а е позната по големите балони во форма на популарни ликови од цртаните филмови и стриповите.

38 милиони Американци се очекува да патуваат за празникот за да бидат со семејството и пријателите, но годинава поради рецесијата се` помалку со авион, а се`повеќе со автомобил и автобус. Патниците се жалат дека авио-компаниите воведуваат дополнителни такси. Моментот го искористија американската железничка компанија Амтрак, која смета на двојно поголем промет, и автобуските компании кои најмуваат нови вработени и опрема за да се справат со напливот.

Без разлика како ќе дојдат дома и со колку длабок џеб, Американците вечерва на трпеза со традиционално печено мисиркино, сос од дренки и разни други вкусни додавки сепак ќе искажат благодарност - за она што го имаат.

XS
SM
MD
LG