Линкови за пристапност

Странските дипломати ја поздравуваат средбата Папандреу-Груевски 


Посветеноста, дијалогот, дискутирањето - тоа е начинот за придвижување нанапред и да се има вистински преговори кои би го решиле проблемот. Веруваме дека решение е можно. Отсекогаш сме верувале во тоа. Надминувањето на ова прашање не само што ќе и овозможи на Македонија да напредува во евро-атлантските интеграции, што ќе биде многу значајно за безбедноста, напредокот и за обезбедување најдобра иднина за сите граѓани на земјава. Ќе и се овозможи на земјата да напредува во многу други насоки, ако го остават ова зад нив“, изјави денес во Скопје американскиот амбасадор Филип Рикер, според кого, најавената средба на премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу е можност за дијалог и шанса преговорите за името да се движат кон подобро.

„Се радуваме на претстојната средба бидејќи таа е важна за процесот“, изјави амбасадорот Рикер, кој е убеден дека „Македонија и Грција можат да најдат заедничко прифатливо решение“.

На прашањето дали САД поддржуваат етапно решавање на проблемот со името, Рикер потенцираше, дека „е важно двете земји на било кој начин да дојдат до решение“.

И во својата претходна изјава амбасадорот Рикер, потецнирајќи дека и покрај напредокот што Македонија го постигнала во претходните 10 години, искрено очекувал многу поголеми промени, посочи дека „сите граѓани, сите сектори, групи и партии, како и нивните лидери треба да соработуваат за да обезбедат што подобра иднина за земјата“ и побара од државниот врв да стори се што е во неговата моќ, да ја исполни желбата на граѓаните - Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ.

Според британскиот амбасадор Ендрју Ки, пак, „состаноците и комуникација меѓу двајцата премиери се добри за градење на добри односи и за градење доверба“.

„Ценам дека ќе имаат многу конструктивен состанок и дека тоа ќе придонесе за градење добри односи и за конечно изнаоѓање на решение за спорот за името. За ова прашање во овој момент има нова динамика, има можност да се најде решение. Се надевам дека тоа ќе се случи наскоро“, изјави амбасадорот Ки.

Паралелно со оптимистичките изјави на странските дипломати во Скопје, македонските медиуми го цитираат и заменик министерот за надворешни работи на Грција Димитрис Друцас, кој за францускиот информативен сервис „Исриа“ повторно потенцирал дека „не може да има почеток на преговори за пристап во ЕУ без претходно решение на проблемот со името“ како и дека „во рацете на властите во ФИРОМ и на г-нот Груевски е да го напуштат тврдиот став и екстремната националистичка реторика“. Според Друцас, ветото е алатка која Грција ја има на располагање исто како и секоја друга членка на НАТО и на ЕУ, и тој вели дека „црвената линија на Грција ја поддржува мнозинството од политичките сили во земјата. Разговараме само за ерга омнес сложено име со географска одредница. Ова соодветствува со националните интереси и нуди решение без победници и губитници“.

Македонските агенции и електронски медиуми ги пренесуваат и пишувањата на грчките медиуми за најавената премиерска средба во Мала Преспа, според кои, главно, разговорите меѓу Папандреу и Груевски нема да бидат паралелен процес на преговори, а спорот и понатаму ќе се решава во Обединети нации. Грчките медиуми пренесуваат изјави на анонимни претставници на грчкото Министерство за надворешни работи, според кои, на средбата грчкиот премиер ќе му пренесе порака на македонскиот колега, дека клучот за европската перспектива на Македонија е решавање на спорот за името врз основа на грчката „црвена линија“.

Во Македонија имаше различни реакции на најевната средба. Претседателот Ѓорге Иванов ја поздрави средбата Груевски-Папандреу, оценувајќи ја како дел од контактите со грчката страна со цел да се стекне заемна доверба. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ е со став дека средбата сама по себе е исчекор и најважно ќе биде да се покаже решителност спорот да се реши, додека во ДУИ веруваат дека на самитот на 7-ми декември Македонија ќе добие датум за старт на преговорите. Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски изрази надеж дека средбата ќе биде „навистина искористена за вистински напори за наоѓање на решение за со коешто ќе се избегне евентуалната блокада во Брисел на 7-ми декември“, додека Либералната партија инсистира премиерот Груевски во преговорите да искаже добра волја и да се заложи така што ќе биде јасно дека тој сака да се реши проблемот, за да може во периодот до одржување на самитот на ЕУ во декември, да се создадат услови за да биде усвоен Извештајот и Македонија да добие датум за преговори.

„Веруваме дека тој е добар патриот и е во состојба да ги одбрани нашите `црвени линии`, а да го реши спорот, но да не испорача обид да ги упропасти преговорите и целата работа да заврши со глумење преговори. Овој пат очекуваме и сигурни сме дека тој ќе го реши спорот“, изјави почесниот претседател на партијата Стојан Андов.

Според дел од експертите чии мислења побара ТВ Канал 5, не треба премногу да се очекува од оваа средба, но заеднички заклучок им е дека крајно време е проблемот се решава по пат на дирекни преговори. Дел од аналитичарите сметаат дека премиерот Груевски ќе беше поубедлив на средбата да можеше да застапува единствен став и платформа за името, што за жал, не беше постигнат меѓу политичките субјекти во Македонија.

XS
SM
MD
LG