Со соработка се надминуваат предрасудите и стереотипите едни за други – порача бугарската министерка за надворешни работи Румијана Желева на излагање вторникот во Вашингтон за безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа и регионот на Црното море.
Бугарија од позиција на членка на ЕУ и НАТО секогаш ги поддржува земјите од регионот на патот кон Европа, меѓутоа потребно е интензивирање на водечкиот регионален формат – Југоисточна Европа во процесот на негова интеграција, подвлече бугарската шефица на дипломатијата во излагањето во Центарот Вудроу Вилсон, во рамки на официјалната посета на Вашингтон.
Желева на прашање на Гласот на Америка на македонски за позицијата на Бугарија за прашањето на името, спроти петочната средба на премиерите на Македонија и Грција - коментира: „Бугарија не изразува никаква позиција за прашањето за името, затоа што тоа е меѓу Македонија и Грција. Тоа е билатерално прашање. Ние особено ја поддржуваме европската перспектива на Македонија, но и на целиот регион“.
Бугарија, според Желева, дава конкретна поддршка на земјите во регионот на патот кон Европа. Ќе помогнеме во размената на искуства, вели таа: „Понекогаш имаше макотрпни искуства. Тоа е важно, за да им укаже на соседите да не ги прават истите грешки“.
За очекувањата од Министерскиот совет на ЕУ на 7-ми декември, во контекст на добивање ба датум з астарт на преговори со Македонија, Желева дипломатски коментира: „Има уште многу време време до 7-ми декември, но сметам дека европската перспектива за земјите во регионот нема алтернатива“.
И интеграцијата на Косово во ЕУ за Желева е неопходна, а потсети и дека Бугарија е меѓу првите земји кои ја воочиле реалноста и ја признале неговата независност. На средбата со американската државна секретарка Хилари Клинтон била изразена согласност дека односите САД-ЕУ се важни за стабилноста на регионот, и Желева укажала дека Европа е способна за преземање на одговорноста за безбедносите предизвици на Балканот во свои раце, иако, според неа, САД и натаму треба да останат вклучени во реформските процеси на ЈИЕ.