Линкови за пристапност

Закажана средба Папандреу – Груевски


Властите во Македонија и во Грција ја послушаа препорката на шефот на шведската дипломатија Карл Билт, чија земја претседава со ЕУ - премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу да одржат разговори во четири очи како „најсигурен пат за решавање на спорот со името“.

Според македонските медиуми, Груевски и Папандреу ќе се сретнат во петок поладне во местото Свети Ахил, во Мала Преспа во Грција, по завршувањето на трилатералната средба на премиерите на Албанија, Грција и на Македонија, посветена на климатските промени.

Средбата Груевски-Папандреу е на македонска иницијатива и, како демонстрација на добра волја на двете страни, претставува прв чекор кон остварувањето поуспешна средба на македонскиот премиер со претседателот на Европската комисија Хозе Мануел Баросо на 2-ри декември во Брисел. Но, според скопски „Дневник“ кој се повикува на неименуван бриселски дипломат, „ако средбата Папандреу - Груевски не даде резултат, постои реална можност Баросо да не се сретне со Груевски“.

Иако на брифингот што во понеделникот го организирал Мартин Протуѓер, шефот на кабинетот на премиерот Груевски, биле поканети новинари од само три телевизии со национални концесии - „А1“, „Сител“ и „Канал 5“, претстојната средба Груевски-Папандреу, во вторникот е тема на речиси сите весници во Скопје.
Според нив, Груевски на Папандреу ќе му го пренесе ставот дека македонската влада е подготвена да разговара за надминување на спорот за името со Грција и дека тој израз на волја за постигнување договор е уште еден обид да се избегне евентуалното грчко вето за добивање датум за преговори за Македонија на Советот на ЕУ на 7-ми декември. Дел од медиумите пренесуваат дека на брифингот со селектираните медиумски куќи било соопштено дека ставот на македонската влада за претстојната премиерска средба се темели врз позициите од Изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Во таа програма е наведено дека актуелната власт во Македонија нема да прифати промени на Уставот со цел - промена на уставното име, ниту пак предлози што ќе ги загрозат националниот идентитет, македонската нација и македонскиот јазик, како и дека Владата опстанува на децидниот став - дека било каков и да е компромис ќе мора да помине на референдумско изјаснување на македонските граѓани.

Според известувачите на македонските медиуми, грчката влада ја потврдила трилатералната средба на премиерите која ќе се одржи по иницијатива на Папандреу и најавила „можности за билатерални средби“, но портпаролот на грчката влада Јоргос Петалотис изјавил дека „прашања како што е тоа за името може да се дискутираат на билатералните средби што може да се случат".

"Сепак, да разјасниме, има само еден процес за името, што се одвива со години -преговори само под капата на ОН“, потенцирал Петалотис.

Наспроти средбата, во македонската јавност се дебатира и за ставовите што ќе се спротивстават во Мала Преспа. Дел од експертите сметаат дека премиерот Папандреу ќе има појасна ситуација, затоа што ќе настапи со консензуално дефинираната сегрчка позиција, додека премиерот Груевски заради длабоката подвоеност на македонската политичка сцена околу опциите за решавање на спорот за името, нема да може да застапува семакедонски став, ниту на политички, ниту на меѓуетнички став.

Поранешниот министер за надворешни работи, професорот д-р Денко Малески во интервју за „Дневник“ потенцира дека „идентитетскиот спор може така да не` раскара внатре во државата, што крајната последица може да биде смрт на Република Македонија“.

„Луѓето што ја водат државата треба да си стават прст на чело и сериозно да се замислат", предупреди Малески.

Илустрација за таквата поделеност е и најавата дека во петок кога Груевски и Папандреу ќе разговараат во Мала Преспа, во Скопје Светскиот македонски конгрес повторно ќе протестира пред Мисијата на ЕУ, залагајќи се за неменување на името - Република Македонија.

XS
SM
MD
LG