Портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс соопшти дека претседателот Барак Обама го одржал „последниот состанок“ за војната во Авганистан со советниците за национална безбедност, пред да ја објави ревидираната стратегија во рок од неколку дена.
Гибс по состанокот што се одржа понеделникот навечер изјави дека претседателот „ги има сите информации што ги побарал и што се потребни за да донесе одлука“ дали да испрати до 40.000 дополнителни војници за борба против бунтовништвото во Авганистан. Тој подвлече дека Обама би можел да ја објави одлуката уште на почетокот на наредната недела.
Двочасовната средба зад затворени врати во Белата куќа беше девета по ред од септември на која се разгледуваше американската стратегија во Авганистан. Меѓу учесниците беа и потпретседателот Џо Бајден, државната секретарка Хилари Клинтон и секретарот за одбрана Роберт Гејтс.
Критичарите тврдат дека претседателот Обама предолго размислува за одлуката. Гибс, пак, во понеделникот коментираше дека одлуката е сложена и дека Американците сакаат претседателот добро да размисли, за да донесе правилно решение.
Американскиот специјален пратеник за Авганистан и Пакистан Ричард Холбрук изјави дека вниманието посветено на ова прашање треба да биде причина за пофалба, а не критика. Но, началникот на Здружениот американски генералштаб, адмиралот Мајкл Мулен смета дека ситуацијата во Авганистан ќе продолжи да се влошува без обновен американски ангажман.
Оваа година е најкрвавата за странските сили во Авганистан од почетокот на судирот пред осум години.