Линкови за пристапност

Кишман:  Нема простор за паника


Разговор со Марија Кишман, шефица на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Македонија, за ситуацијата со свински грип.

Глас на Америка на македонски: Дали по веста за првиот смртен случај во Македонија од вирусот А (Х1Н1) - пациент кој претходно немал хронични заболувања, се предвидуваат одредени промени во стратегијата против пандемискиот грип?

Марија Кишман: Во врска со првиот случај што завчера попладне беше пријавен, здрав 32-годишен човек чија смрт е асоцирана со појавата на пандемиската инфлуенца, тоа е нешто што го очекувавме. Тоа е нешто што беше во рамките на оние 1-2 процента смртни случаи кај заболени, дури и кај навистина здрави луѓе. Јас би апелирала во моментов - здравствените работници, особено оние од примарната здравствена заштита, веднаш штом ќе забележат компликации во смисла на појава на пнеумонија, влошување на севкупната здравствена состојба, зголемување на телесната температура, соодветно да го препратат пациентот до здравствената установа која во овој момент е назначена да ги прими ваквите случаи.

Во врска со стратегијата - всушност не станува збор за стратегија, туку за национален акционен план за пандемиска инфлуенца, што се подготвуваше и е усвоен пред пет години, и потоа е континуирано ажуриран со соодветни протоколи за лекување и препраќање на пациенти - во него се е јасно дефинирано. Следниот чекор е актвирање на следниот дел од стратешкиот акционен план што Министерството за здравство, по препорака на Комисијата за пандемиска инфлуенца треба да го направи. Колку што сум информирана, тоа вчера е веќе направено, односно акцелерирањето и зајакнувањето на капацитетите на инфективните одделенија ширум земјата кои се следните што би требало да ги примаат пацинетите со комплицирана состојба и со знаци на пандемиска инфлуенца, меѓутоа и сите оние пациенти кои претходно имале одредени заболувања и имаат потреба од хоспитализација заради мониторинг на нивната сосотојба.

Глас на Америка на македонски: Јованка Костовска од Комиисијата за пандемиски грип вчера повика да не се создава паника. Каква е Вашата порака до граѓаните?

Марија Кишман: Паниката е нешто што е нормално и реално е да се јави кога се појавува една нова болест која напаѓа и популација што обично не се случува кај сезонскиот грип, а тоа се младите и здрави луѓе и особено децата. Меѓутоа, за секаква мерка која би се граничела со, како што рековте - паника, навистина нема простор. Болеста во најголем број од случаите, во 90 проценти, се лекува без антивирусна терапија, туку со симптоматска терпаија во однос на намалување на телесната температура. Ќе повторам дека не треба да се аплицира ацетилсалицилна киселина за намалување на температурата, поради можноста од компликации. Значи, нема место за паника, очекуван е одреден број на фатални случаи, кај 1-2 проценти од пациентите, но со соодветен мониторинг на здравствената состојба, најпрвин од страна на самиот пациент и на неговото најблиско семејство, и со забележување на знаци на влошување на сосотојбата, како отежнато дишење, прекумерно зголемување на телесната температура, посинување на прстите и на устата, кркорење при дишењето - таквото лице веднаш треба да се упати во здравствената установа. Ќе повторам: болеста е лесна, поминува многу лесно, но, како што вели народот, треба „да се одлежи", минимум пет до седум дена, а враќањето на работа или на училиште да биде по 24 часа од повлекувањето на последните симптоми.

XS
SM
MD
LG