Линкови за пристапност

Светските сили разочарани од иранската непопустливост на нуклеарен план


Претставници на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Британија, Франција, Кина, Русија и САД) плус Германија изразија разочараност поради тоа што Иран одби да испраќа ураниум во странство на контролирана обработка. Тие во петокот се собраа во Брисел за да дискутираат за иранската позиција за својата нуклеарната програма.

Претставникот на Европската унија Роберт Купер по средбата изјави дека Иран не одговорил позитивно на планот што беше постигнат со посредство на ОН. Предлогот предвидуваше испраќање на ураниум во странство, каде би се вршел нуклеарниот процес на негово збогатување.

Средбата уследи два дена откако иранскиот министер за надворешни работи Манучер Мотаки кажа дека неговата земја нема да испраќа ураниум во странство и само би зела предвид размена на ураниум за гориво, и тоа на иранска територија.

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) Мохамед Елбарадеи петокот го повика Иран да ја прифати понудата и изрази надеж дека земјата нема да ја пропушти можноста. Тој кажа дека сега останува на Иран да одлучи како сака да продолжи понатаму.

Американскиот претседател Барак Обама, пак, соопшти дека неговата влада започнала разговори со меѓународните партнери за последиците доколку Иран не одговори на меѓуанародниот предлог.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад коментираше дека неговата влада можеби ќе размисли за подобри односи со Западот, но само доколку тој го смени „арогантното" однесување и врати дел од имотот на земјата.

XS
SM
MD
LG