Mакедонски и косовски претставници кои учествува во одбележување на граничната линија петокот во Вашингтон говореа како успеаја да го затворат ова долго отворено прашање.
Најавувајќи го настанот, организаторот, Американскиот институт за мир, тркалезната маса за преговорите за границата меѓу Македонија и Косово ја нарече “Демократија на Балканот.
Првите луѓе на делегациите од обете земји ги споделија искуствата од демаркацијата и ги ставија во контекст на пошироката регионална безбедност. Ентузијазмот и решеноста на обете страни во процесот за затворање на ова прашање ги унапреди билатералните односи, заклучија присутните.
Тодор Нанев, претседател на македонската комисија за демаркација на границата со Косово, за Гласот на Америка вели дека со овој чин Македонија ги исполни условот „чисти граници“ за членство во ЕУ и НАТО:
Со заокружувањето на процесот на демаркација на границата со Косово, како еден од клучните столбови на стабилноста во регионот, Македонија го доби епитетот на единствена земја во регионот со целосно одбележани граници со соседите.
Заменикот-претседател на косовската момисија Мурат Меха објасни што бил главниот двигател ова важно прашање конечно да се затвори:
Прашањето уште од самиот почеток беше – која е користа од тоа границата да биде демаркирана, а кои ќе бидат последиците ако не биде. Врз основа на овие две прашања, моравме да најдеме решение што ќе биде најдобро за нашата земја и за нашиот сосед.
Јове Талески, член на македонската комисија, вели дека одбележувањето минало во координација и соработка со локалното население од двете страни на границата:
Имаше разни теории дека се одзема територија на едната или другата страна. Тоа не е точно, бидејќи демаркацијата заврши и практично нема земање на територии. Всушност, се работеше за користење на некои жители од локалното население, да се стекнат со подобри места - мислеа дека ќе им се даде некоја замена, во близина на некои села, за земјиштето што беше во близина на граничната линија.
Според професорот Талески, имотите и соственоста се загарантирани, никој не губи ништо и слободно може да обработува земјиштето од двете страни. Граница која обединува, а не разединува – така ја окарактеризираа македонските и косовските официјални лица.
Демаркацијата на границата долга 173 километри заврши за 18 месеци наместо планираните 12 на 16 ти октомври, а два дена подоцна беа воспоставени дипломатски односи меѓу Косово и Македонија.
Претставникот на Заедничката техничка комисија Ендрју Мајклс оцени дека демаркацијата е успешна приказна во регионот кој нема многу такви изминатите две децении, со оглед на војните по распадот на поранешна Југославија.