Линкови за пристапност

На клиниката за инфектологија 38 сомнителни и потврдени случаи на свински грип


Според министерот за здравство Бујар Османи, 32-годишниот пациент заболен од грипот Х1Н1 кој во средата почина на Клиниката за инфектологија, од грипот добил запаление на белите дробови, по што му откажале и други органи. Според министерот, се работело за пациент кој не спаѓал во ризичните групи и при неговото лекување биле преземени сите мерки предвидени со медицинските протоколи и законски одредби.

Роднините на починатиот се во карантин и примаат терапија.

На Клиниката за инфектологија моментално има 38 сомнителни и потврдени пациенти, меѓу кои е и една докторка вработена таму.

„Од 38 пациенти, 24 се со компликации од типот пневмонија, воспаление на белите дробови, воспаление на долните дишни патишта со потешка клиничка слика", вели директорот на Клиниката, д-р Звонко Миленковиќ.

Седумина од хоспитализираните пацеинти се деца помлади од 3 години, а во најтешка сосотојба е 55- годишна пациентка која е приклучена на апарат за дишење.

На вчерашниот состанок, Комисијата за пандемиски грип донесе одлука матичните лекари според проценка на состојбата на пациентите, да им го препишуваат лекот „Тамифлу", кој пациентите ќе можат да го купат во аптека.

Властите не соопштуваат точен датум кога ќе пристигнат вакцините против пандемискиот грип. Јованка Костовска од Комиисјата за пандемиски грип вчеравечер во ТВ-емисија изјави дека ниедна земја во регионот не може да ја добие вакцината навреме и дека тоа не е случај само со Македонија.

„Кога ќе ја добиеме вакцината, ќе вакцинираме, за оние на кои тоа им е најпотребно. Во меѓувреме, ќе се обидеме со сите можни начини да Ви помогнеме, а и Вие нам ќе ни помогнете доколку се јавувате навреме на лекар", им порача Костовска на граѓаните.

XS
SM
MD
LG