Линкови за пристапност

Обама во Сеул: Северна Кореја да се врати на преговорите, без закани


Американскиот претседател Барак Обама и неговиот јужнокорејски колега Ли Мунг-бјак ја повикаа Северна Кореја да се врати на меѓународните разговори за укинување на нејзината нуклеарна програма и да стави крај на провокативното однесување.

По средбата во Сеул четвртокот, Ли изјави дека со Обама се договориле да соработуваат на враќање на официјален Пјонгјанг на шестраните преговори во кои уште учествуваат и Јапонија, Кина и Русија. Обама и Ли оценија и дека трпението за тоа истекува.

Американскиот претседател коментираше дека доколку Северна Кореја преземе сериозни мерки за разоружување, со тек на време ќе следи намалување на санкциите и целосна интеграција на земјата во меѓународната заедница. Тој најави и дека американскиот специјален претставник Стивен Босфорт наредниот месец ќе замине за Пјонгјанг за да го поплочи патот за нова рунда на преговори што Северна Кореја ја кочи уште од април. Јужнокорејкиот претседател верува дека меѓународната заедница навлегува во ново поглавје во обидот да го разреши нуклеарното прашање.

Обајцата ја реафирмираа важноста од комплетирање на договорот за слободна трговија меѓу САД и Јужна Кореја што веќе две години по потпишувањето чека на конечна потврда во законодавните домови на обете земји.

Со посетата на Јужна Кореја, Обама ја заврши турнејата по Азија, за време на која ги посети и Јапонија, Сингапур и Кина.

XS
SM
MD
LG