Американската државна секретарка Хилари Клинтон пристигна во Авганистан воочи инаугурацијата на претседателот Хамид Карзаи.
На својата прва посета на земјата откако стапи на функцијата државен секретар, се очекува Клитон да се приклучи на другите странски државници и авганистанските лидери на церемонијата закажана за четврток во Кабул.
Авганистанските власти веќе распоредија дополнително обезбедување во главниот град. Инаугурацијата ќе се одржи во строго обезбедената претседателска палата. Потоа не се очекува голема јавна церемонија.
Западните сили интензивно внимаваат на знаци дали Карзаи е сериозен во однос на борбата против големата корупција во неговата влада.
Американскиот претседател Барак Обама воочи инаугурацијата на Карзаи коментираше дека е повеќе загрижен за доверливоста на владата во целина отколку за доверливоста на едно лице. Обама, кој се очекува да ја објави одлуката за бројот на американски војници во Авганистан наредните недели, рече дека неговата влада поставила „мошне јасни мерила“ за авганистанската влада да ја обезбеди земјата растргната од војна.