Линкови за пристапност

Владата се движи во добар правец, тврди американскиот претседател


Американскиот претседател Барак Обама смета дека неговата влада „се движи во добар правец“ и во однос на домашни, и во однос на меѓународни прашања, во време кога се ближи првата годишнина од доаѓањето на власт.

Во интервју на редица теми со Си-Ен-Ен, направено за време на посетата на Пекинг, Обама кажа дека е „апсолутно убеден“ дека ќе биде донесена легислативата за реформа на американскиот систем на здарвствена заштита, без оглед што дури и конгресните пратеници од неговата Демократска партија веќе пробија неколку крајни рокови.

Американскиот претседател ја бранеше и одлуката на Главниот правобранител Ерик Холдер да му се суди во федерален цивилен суд во Њујорк на Калик Шеик Мухамед, обвинет за осмислување на терористичките напади од 11-ти септември 2001-ва.
Обама ги отфрли сугестиите дека терористите „имаат некаква посебна моќ“ што ќе оневозможи да им биде судено во рамки на американскиот судски систем.

Во одвоено интервју за Фокс, претседателот уважи дека неговата влада ќе го пробие рокот до јануари наредната година за затворање на притворниот центар во базата Гвантанамо на Куба. Обама кажа и дека оние кои се навредени од легалните привилегии што му се даваат на Калид Шеик Мухамед нема да бидат воопшто навредени кога „тој ќе биде осуден и ќе му биде изречена смртна казна“.

Владиниот план за затворање на Гванатанамо наиде на жесток отпор кај некои членови на Конгресот кои се против префрлањето на лицата осомничени за тероризам во САД.

Обама кажа дека не е разочаран што рокот ќе биде пробиен и дека се` уште се надева да го затвори Гвантанамо наредната година.

Според американскиот претседател, неговата влада ја обновила американската репутација во светот. Обама се повика на податоци од неодамнешно глобално истражување, според кое 75 проценти од испитаниците одговориле дека САД правилно постапуваат, во споредба со 40 проценти пред Обама да биде избран за претседател. Тој ја наведе и зајакнатата соработка во меѓународната заедница, како на пример во однос на иранската нуклеарна програма.

Првиот човек на САД тврди дека не размислува за изборите во 2012-та година, коментирајќи дека ако размислува толку далеку, не ќе може да се зафати со редица актуелни контроверзни прашања како здравствената заштита и затворањето на Гвантанамо.

XS
SM
MD
LG