Линкови за пристапност

Обама во Јужна Кореја


Американскиот претседател Барак Обама пристигна во Јужна Кореја откако ја заврши посетата на Кина со приватна посета на Кинескиот ѕид.

Јужна Кореја е последната станица на азиската турнеја на Обама низ четири земји. Според најавите, за време на престојот во Сеул, приоритети на дневниот ред на американскиот претседател ќе бидат трговски прашања и Северна Кореја.

На заминувањето за Сеул, Обама уште еднаш ја повика Северна Кореја да постигне договор за своето нуклеарно оружје.

Претходно во средата, на финалната серија разговори и работниот ручек со кинескиот премиер Вен Џиабао, Обама ги оцени средбите со кинеските лидери како продуктивни. Вен, пак, кажа дека посетата на Обама е од далекусежно значење и изрази надеж дека ќе ја подигне амеирканско-кинеската сорабока на ново ниво.

Обама пред заминувањето го посети и Кинескиот ѕид. Искажувајќи ги впечатоците од посетата, Обама рече дека се работи за спектакуларно здание и потсетник на древната историја на кинескиот народ.

Според најавите, Обама на средбата со јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг-бак ќе разговара за договорот за слободна трговија меѓу САД и Јужна Кореја. Тој во моментов е на разгледување во јужнокорејскиот Парламент и допрва треба да биде ратификуван од страна на американскиот Конгрес.

На дневен ред на посетата на Обама ќе бидат и преговорите за тоа како Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје. Американскиот претседател најави дека неговата влада ќе удоволи на барањето на Северна Кореја за директни разговори со САД, но само како дел од напорите официјален Пјонгјанг да се врати на преговарачка маса на шестраните разговори за севернокорејската нуклеарна програма, во кои уште учествуват и Јапонија, Јужна Кореја, Кина и Русија.

XS
SM
MD
LG