Линкови за пристапност

Македонија едно место погоре на листата на Транспаренси интернешенал


За една година, едно место погоре од 72-ро на 71 то - ваков е напредокот на Македонија во борбата против корупцијата за изминатата година, низ призмата на Транспаренси интернешенал. За Слаѓана Тасева, претседател на невладината Транспарентност нулта корупција, тоа не е ни добра ни лоша вест, туку стагнирање.

„Имаме одредено стагнирање и таа состојба е уште ниско, под 5 индексни поени, што би можело да се смета за некакво просечно добро рангирање“, вели Тасева.

Во Македонија последниве четири години има напредок во борбата против корупцијата, но според Тасева, со овогодишното искачување за само 0,2 индексни поени, не е задржан трендот на подобрување од лани. Од 105-то место во 2006-та, 84-то во 2007-ма, 72-ро лани, оваа година има најмало поместување од само едно место, што земјата го дели со Грција, Бугарија и Романија.

„Не би требало да бидеме заволни како сме рангирани на индексот, затоа што се наоѓаме во друштво со оние држави кои претставуваат сериозна причина за загриженост на ЕУ поради проблемот со корупцијата во рамки на нејзините членки“, вели Тасева.

Истражувањето за степенот на корумпираност на општеството на Транспаренси Интернешенал е спроведено во 180 земји. На врвот е Нов Зеланд, на дното Сомалија. Од регионот повисоко рангирани од Македонија се Хрватска и Црна Гора, а подолу се Србија, Албанија и Босна и Херцеговина.

XS
SM
MD
LG