Државниот врв по синоќешното заседавање за новата рунда разговори на посредникот Метју Нимиц со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис ја повика Грција да се придржува до Времената спогодба и да не ја блокира Македонија при зачленувањето во меѓународните организации под привремената референца ПЈРМ.
„Очекуваме дека нашиот јужен сосед ќе се придржува до нормите на оваа времена спогодба и до мандатот којшто го има посредникот Нимиц, и врз основа на кој може да определува одредени динамики, и да отвара дискусии по одредени прашања“, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Милошоски ја обвини и опозицијата, дека ја манипулирала јавноста со информации дека може да се најде лесно решение за проблемот.
На ваквите ставови изнесени од државиот врв денска реагираа опозиционерите.
Ставот на Социјалдемократскит сојуз е дека Македонија мора да иницира вистинско продолжување на преговорите со посредство на Обединетите Нации, или барем да го повика медијаторот Метју Нимиц да даде нов предлог за решавање на спорот. Првиот човек на партијата Бранко Црвенковски смета дека тој предлог секако не би ги содржел барањата на Грција, но ниту барањето на Македонија за двојна формула, а во ситуација кога преговори практично и нема, Македонија е најголем губитник, бидејќи ќе пропусти историска шанса да добие датум за преговори.
Повикот до Грција да се придржува до Времената спогодба што го упати шефот на дипломатијата Милошоски и обвинувањата на сметка на опозицијата дека шири нереални очекувања пред самитот на ЕУ се замајување на домашната јавност, вели Црвековски.
За лидерот на Либерално демократската партија Јован Манасиевски, земјата е во многу тешка ситуација и ја повика власта во соработка со опозицијата да го формулира ставот во однос на прашањето за името.
„Мора прво опозицијата да биде информирана, а потоа и да се обидеме да формулираме заедничка позиција, затоа што ако не се формулира заедничка позиција на Владата и опозицијата, тогаш нашата сегашна инфериорна позиција во преговорите дополнително ќе се влошува“, рече Манасиевски.
Во врска со новите тензии поврзани со процесот на решавање на проблемот со името, експертската јавност преку медиумите повикува на решение што ќе оовозможи членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, со оглед на се` поголемите проблеми со кои се соочува државата.
„Македонија е во своевидна конзерва и мислам дека е пред социјална експлозија, таа е пред меѓуетнички проблеми, и тука не можеме ние да се рамниме со Грците во тоа дали се инаетиме и дали да ги завршиме преговорите или не“, вели Мерсел Биљали, универзитетски професор.
Од ЕУ повторно повикаа двете страни да останат посветени на преговорите со цел што поскоро да се најде решение што ќе овозможи Советот на министрите на ЕУ да и` додели датум на Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ.