Линкови за пристапност

Владата ја обвинува Грција, опозицијата – владата


Во понеделник во Македонија заседаваше државиот врв за да го разгледа најновиот развој на настаните поврзани со преговорите со Грција по последната рунда разговори на посредникот Метју Нимиц со преговарачите на Грција и Македонија, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Во извештаите на провладините медиуми се наведува дека Грција на средбата со Нимиц истапила со максималистички барања и со тоа ја радикализарала својата преговарачка позиција. Во тој контекст се додава дека Грција категорично бара едно име со географска одредница, што ќе се користи во целата официјална комуникација. Од тоа име, според медиумските извештаи, би се извела и придавката за јазикот и нацијата.

„Во интерес на процесот, дозволете да се воздржам од коментар на максималистичките позиции на Грција. Она што можам да го кажам е дека Република Македонија ќе остане посветена на процесот, ќе остане посветена на барање решение со желба да го најде тоа решение и да се разреши ова прашање“, изјави премиерот Груевски.

Опозицијата, пак, ја обвинува власта дека нема јасна позиција во преговорите и побара премиерот лично да се ангажира во процесот.

Потпреседателот на СДСМ Зоран Заев тврди дека со пуштањето на информациите за грчката непопустливост, владата бара изговор за нерешавање на спорот. Тој повикува на проактивна улога и смета дека најголем проблем е тоа што владата не го соопштува ставот по ова прашање.

Според дел од експертите, Македонија е пред политичка криза.

„Полека, Македонија лизга во политичка криза. Треба да бидеме смирени, да не не` фати паника“, вели професорот Денко Малевски.

За професорот Мерсел Билали преговорите влегуваат во ќорсокак. „Практично, преговорите се во ќорсокак, но крајно време е сериозно да се пристапи по прашањето, да се види кои се нашите позиции согласно резолуцијата“, вели Билали.

Професорот Владо Поповски смета дека е пробиена резолуцијата на ООН под чија капа се водат преговорите. Тој додава дека е пробиена рамката во која требаше да се реши спорот за името и дека веќе не се зборува за негова модификација, туку за ново име за општа употреба.

„Таа модификација не може да ги опфати таканаречените идентитетски аспекти на прашањето, на пример национално-културните карактеристики на Македонците, бидејќи тоа не е ниту во резолуциите, ниту пак можете да најдете кој било учебник по меѓународно јавно право дека културниот и националниот идентитет може да бидат објект или елемент на меѓународното право“, вели Поповски.

Други додаваат дека не треба да се губат надежите по оваа последна рунда разговори.

ЕУ реагираше на новосоздадената ситуација преку соопштение во кое ја повикува Владата да ги искористи следните неколку недели за да го реши спорот со името. “Со оглед на тоа што затворањето на прашањето за името е од огромен интерес за Македонија, сметаме дека Владата мора да ги искористи следните неколку недели за да го реши спорот со името со Грција“, соопштија денеска Канцеларијата на Европската Унија

На 7-ми декември во Брисел е закажана седница на Советот на минстрите на која ке се раговара за предлогот на Европската комисија - Македонија да започне преговори за членство. Добивањето на датум за отпочнување на овие преговри е условен од решавањето на проблемот со Грција.

XS
SM
MD
LG