14 американски сојузни држави дозволуваат употреба на марихуана од медицински причини. Таа е се` уште незаконска на федерално ниво, но владата на Обама неодамна најави дека нема да ги гони оние снабдувачи кои ги следат законите на сојузните држави.
За некои, марихуната е слободно на располагање. Се продава во клиниката Медитрајв во Сан Франциско, чии раководители ја издаваат на пациенти со препорака од лекар – нешто што е легално во Калифорнија, не не и на федерално ниво.
Во соседниот Оукленд, здравствениот центар Харборсајд опслужува дури 600 пациенти на ден. Со 30.000 членови, остварува годишен приход од 20 милиони долари. Се` според законите на Калифорнија, вели основачот, Стив Дианџело.
„Прво проверуваме дали имаат лекарска препорака, па потпишуваме договор со кој стануваат членови на нашиот колектив и ги овластуваат другите членови да одгледуваат марихуана во нивно име“, вели Дианџело.
Како да основате ваква клиника - може да научите на Универзитетот Оукстердам.
„Имаме часови по политички и законски прашања, хортикултура, готвење со марихуана, хашиш, менаџмент и започнување на сопствен бизнис, инкорпорирање“, објаснува претседателот на универзитетот Ричард Ли.
Лос Анџелес има 800 марихуана-клиники, повеќе од кафулињата Старбакс и јавни училишта. Некои имаат лиценца, други нашле дупка во законот. Градските власти се заложија да ги затворат оние без дозвола.
Повеќето полицајци во Калифорнија се против ширењето на клиниките. Командирот на станицата во градот Ковина Ким Рени наведува дека само околу два процента од корисниците имаат медицинска нужда.
„Разбирливо е за тешко болните пациенти – марихуната им олеснува. Но, предизвикот е со преостанатите 98 проценти - можноста легално да уживаат марихуана рекреативно“, коментира Рени.
Бил Брит, кој како дете имал полио, употребува марихуана неколкупати на ден. Загрижен е за најавите за ограничување.
“Тогаш би користел лекови против болки, за олабавување на мускулите, против гадење, против депресија - цела редица лекови“, вели Брит.
Активистите за користење на марихуаната сметаат дека таа не само што треба да се легализира, туку и да се оданочува, како алкохолот и тутунот. Противниците велат - не, барем не без дебата на национално ниво. И едните и другите се согласни дека сегашните закони за нејзина медицинска употреба се - конфузни.