Линкови за пристапност

Средба Обама - Џинтао во Пекинг


Американскиот претседател Барак Обама во Пекинг се сретна со кинескиот колега Ху Џинтао, откако претходно одржа отворена дискусија со кинески студенти, на која одговараше на прашања од публиката и преку Интернет.

Кинескиот претседател организираше вечера во чест на Обама, а за утре е планирана подетална средба, на чиј дневен ред, според очекувањата, ќе бидат климатските промени, трговијата, Северна Кореја и Иран. Претставници на Белата куќа велат дека Обама приватно ќе го покрене и прашањето за човекови права.

Американскиот претседател на оваа тема говореше и на средбата со студенти во Шангај понеделникот.

Кинеската влада се обиде да го контролира медиумското покривање на настанот, дозволувајќи да биде емитуван на локалната телевизија, но не и на национално ниво.

Обама во уводното излагање ја подвлече важноста Кина и САД да соработуваат во однос на глобалните предизвици. Одговарајќи на прашања, тој кажа дека климатските промени се еден од најкритичните предизвици и дека светот чека да види што ќе сторат САД и Кина на тој план.

Американскиот претседател коментираше дека една земја не треба да наметнува својот систем на владеење на друга, но затоа подвлече дека ќе се залага за основните слободи што им се свети на Американците.

На чувствителна тема – Тајван, Обама рече дека САД ја поддржуваат политиката „една Кина“ и изрази надеж за подобри кинеско-тајвански односи. Тој смета дека економските врски помогнале во намалување на напнатоста во Тајванскиот Теснец. Обама не одговори на прашање за продажба на оружје на Тајван.

На Кина отпаѓа над 1 трилион долари од американскиот долг, со што земјата е најголемиот странски кредитор на САД. Американската државна секретарка Хилари Клинтон во неделата изјави дека претседателот Обама е свесен дека САД со тек на време мора да ја намалуваат зависноста од кинеското финансирање. Во интервју за Си-Би-Ес, таа ги опиша односите со Кина како позитивни и кооперативни, укажувајќи дека официјален Вашингтон сепак посакува посеопфатна поврзаност со Кина. Клинтон наведе дека веќе имало позитивни резултати, со тоа што официјален Пекинг ги одобри меѓународните санкции против Северна Кореја и дава поддршка во ангажирање на Иран во врска со нуклеарната програма на оваа земја.

XS
SM
MD
LG