Линкови за пристапност

Расте бројот на случаи на свински грип, властите повикуваат на смиреност


Бројот на заболени од вирусот А Х1Н1 на свинскиот грип во Македонија секојдневно се зголемува. Во изминатите 24 часа - нови 42 потврдени случаи. Но, здравствените власти смируваат - системот е подготвен за евентуална епидемија.

Вниманието сега е насочено кон училиштата, каде бројот на учениците кои не посетуваат настава е се` поголем. Министерството за образование засега нема решение како да се справи со полупразните училници. Во некои училишта каде се регистрирани заболени ученици од новиот грип, има паралелки каде дури и 60 проценти од учениците отсуствуваат, со што во прашање се доведува одржувањето на наставата.

Министерот Никола Тодоров вели дека засега не се разгледува можноста за одработување на загубените часови и предупредува дека секое училиште мора да одржи настава 180 дена во годината.

„Затворањето на училиштата е можно само ако се прогласи епидемија од грипот во земјава. Тогаш по налог на Министерството за здравство, Министерството за образование ќе даде налог за затворање. Во друг случај нема таква законска можност“, изјави Тодоров.
Не треба да има прекин на наставата, смета и министерот за здравство Бујар Османи.

„Само децата кои имаат симптоми треба да седат дома. Исто така, препорачуваме или наредуваме да се откажат сите екскурзии внатре и надвор од земјава. Децата да си одат на училиште, а родителите да не ја бојкотираат наставата“, вели Османи.

Најголем број од заболените деца се средношколци од 15 до 19-годишна возраст, кои симптомите ги пројавиле по враќањето од матурските екскурзии во странство. Првиот случај беше пред десетина дена, кога цел автобус со патници од Турција заврши пред Инфективната клиника, од кои десетина дадоа позитивни резултати за пандемскиот грип. Вториот карактеристичен случај беше на почетокот на неделава, кога 180 ученици од четврта година од гимназијата Никола Карев од Скопје, по враќањето од патувањето во Будимпешта, беа ставени под лекарски надзор и добиваат превентивна терапија со тамифлу, бидејќи дел од нив - околу 15- тина - биле со висока температура, а кај кои подоцна беше потврдено присуството на вирусот Х1 Н1.

Најмногу заболени ученици- 28 има во средното угостителско училиште Лазар Танев во Скопје - 28, по што следуваат Никола Карев со 15-тина, Ѓорѓи Димитров со 10, Гоце Делчев со три и останатите со по еден до два случаи.

Тоа беше повод се` поголем дел од учениците наставата да ја следат со маски, што стануваат се` почест декор во повеќе институции и на улиците, иако здравствените власти се строго против тоа, бидејќи велат дека тоа прави поголема штета од корист.

Маските се задолжителни само за здравствените власти, вели Јованка Костовска, претседател на националната Комисија за пандемски грип.

„Маската, доколку се носи, треба да се менува на два часа за да има заштита и да биде чиста и ефикасна. Ако маската е инфицирана со вируси од надвор, а вие ја фатите со рака, па се почешате за око или нос, правите инфекција. Или, ако ја симнете маската, а не измиете раце, пак можете да се инфицирате“, рече Костовска.

За училиштата се препорачува секојдневна дезинфекција на просториите и инвентарот, миење на рацете и проветрување.

Надлежните во здравството и во образованието не ја разгледуваат ниту можноста за евентуално предвремено распуштање на учените. Велат, тоа не го препорачуваат ниту меѓународните агенции, ниту домашните експерти во Комисијата за пандемски грип.

„Ако ги распуштиме децата една недела, можноста за нивно собирање на други места повторно е присутна. Ако една недела го затвориме училиштето и пак да го отвориме, ќе има можност ново едно дете да дојде инфицирано, па ќе заболат останатите. Доколку се влоши епидемиолошката состојба или бројот на заболени по училиштата биде толку голем, да не може да се одвива настава или има отстутност на деца и професори, сигурно дека ќе се преземаат мерки, можеби еден определен период и ќе се затворат. Ќе се оди училиште по училиште“, истакна Костовска.

Во Македонија досега од новиот грип се заболени повеќе од 200 лица. Лекарите за едно деноноќие прегледуваат и по 60 пациенти. На Клиниката за инфективни болести само ноќта меѓу 12-ти и 13-ти ноември се примени 20 пациенти. Некои од нив се со пневмонија. Во Македонија нема починати како резултат на пандемскиот грип.

XS
SM
MD
LG