Нидал Малик Хасан, наводниот напаѓач во минатонеделниот крвав инцидент во базата Форт Худ во Тексас, е обвинет за 13 инстанци на убиство со умисла, соопштија американски армиски претставници.
Портпаролот на оделот за криминални истраги на Армијата Крис Греј го објави обвинението на прес-конференција во базата и најави дека во текот на истрагата може да бидат додадени нови точки.
Армискиот психијатар Хасан се товари дека отворил оган врз ненаоружани војници во базата додека се подготвувале за испраќање во Ирак и Авганистан.
Властите ги истражуваат мотивите за нападот во време кога се покренаа прашања дали Армијата можеби ги пропуштила алармантните знаци за однесувањето на Хасан што евентуално можело да го спречи инцидентот во кој беа убиени 13, а повредени 30 лица.
Група армиски лекари, кои ја надгледувале обуката на Хасан, пред една година изразиле загриженост за неговото бизарно однесување.
Хасан, кој во инцидентот беше ранет од цивилен полицаец, се опоравува во армиска болница близу Сан Антонио.