Најмалку 4.000 лица во САД починаа од вирусот Ха-1Ен-1 на свинскиот грип од неговото појавување во април, соопштија здравствените власти.
Центарот за контрола и спречување на болести (ЦДЦ) информираше дека била направена нова пресметка за бројот на жртви во која биле вклучени и смртните случаи од компликации поврзани со грипот, како што се пневмонија и бактериски инфекции. Претходните проценки на ЦДЦ се движеа околу бројката од 1.000 жртви.
ЦДЦ наведува дека направил нова проценка во обид да направи поточна споредба на таа бројка со приближно 36-те илјади смртни случаи годишно од сезонскиот грип.
Минатата недела, Светската здравствена организација (СЗО) објави дека од април – наваму, од свинскиот грип во светот починале 6.000 лица, од кои 4.400 во американскиот регион. СЗО наведе и дека од 1-ви ноември, околу 200 земји јавиле за вкупно половина милион случаи на заразени. Претставници на организацијата наведуваат дека реалната бројка најверојатно е повисока.