Линкови за пристапност

Британија нуди отстапки за обединување на Кипар


Во обид да покаже дека е сериозна во поддршката за решение на кипарскиот проблем, Британија ја обнови понудата да се откаже од половина од територијата на која се нејзините бази во Кипар.

Во интервју за Гласот на Америка, портпаролот на ОН, Хозе Дијаз, потврди дека е пратено писмо до ОН во кое се нуди трансфер на 45 квадратни милји земјиште доколку се постигне договор за поделениот Кипар: „Специјалниот советник на генералниот секретар беше информиран од Велика Британија. Главен услов е да се постигне договор и тој да биде ратификуван – по што земјиштето ќе биде предадено“.

Се очекува британскиот премиер Гордон Браун да ја претстави иницијативата за заживување на мировниот процес за кипарското прашање на средба со претседателот на Кипар Димитрис Христофиас во резиденцијата на Браун во Лондон.

Британските суверени бази останаа на Кипар по објавувањето на независната република во 1960-та, и тоа околу 4.000 војници и 7.000 членови на нивните семејства живеат на територијата.

Зборувајќи за Гласот на Америка, Стујард Брдсли, портпаролот на британската армија во Кипар, се осврна на функцијата на воени бази:

„Станува збор за околу 99 квадратни милји. Тоа е суверена територија на која се базите, што е управувана од Велика Британија и која има сопствена администрација на островот во името на кралицата. “

Претседателот на Кипар, Димитрис Христофиас кој ја претставува грчката кипарска заедница и лидерот на кипарските Турци Мехмет Али Талат се во преговори од крајот на 2008-ма, но засега малку е постигнато.

Преговорите почнаа минатиот септември и ако бидат успешни, формално може да значат крај на 35-годишната поделба на островот.

Кипар е поделен на турски северен дел и грчки јужен, кој е меѓународно признат, откако во 1974-та, Турција изврши инвазија како одговор на пучот од приврзаници на Грција.

Турција не го признава јужниот дел од островот.

Островот е членка на ЕУ од 2004-та, но само грчките Кипарци ги уживаат придобивките од членството. Ниту една од страните не се залага за трајна поделба на островот, но нема согласност како да се изрши обединувањето.

XS
SM
MD
LG