Американските власти ги разгледувааат можните причини за актот на човекот кој уби 13 лица во базата Форт Худ, во Тексас, и остави 31 лице рането. Меѓу ранетите е и осомничениот, мајорот Нидал Малик Хасан, армиски психијатар.
Генерал полковникот Роберт Кон е командант на базата. Тој вели дека се претресува се`, „во нас и околу нас“, за да се открие како можело ова дело да биде спречено.
Американските медиуми известуваат дека Хасан ги предупредил постарите армиски лекари, пред година ипол, да избегнуваат случаи на испраќање муслимани да се борат против други муслимани.
Хасан требало да биде испратен во Авганистан.
Џон Еспозито, од Универзитетот Џорџтаун, уредувал неколку енциклопедии на Оксфорд за исламот. Тој вели дека во повеќето вери, идеално се смета дека убивањето е погрешно и дека уште полошо од тоа е да се убива член на сопствената вера.
Властите велат дека Хасан имал контакти со радикалниот муслимански свештеник Анвар ал-Авлаки кој живее во Јемен. Ал-Авлаки ја води интернет страницата на англиски јазик позната по анти-американско учење.
Веб-страницата го фали Хасан, претставувајќи го како „херој“ и „човек со совест“. Свештеникот проповедал и во џамија во Вирџинија, а Хасан бил меѓу присутните. Но, официјалните лица заклучиле дека комуникацијата меѓу двајцата била безопасна.
Експертот за контратероризам Кент Клизби порано бил во ЦИА, работејќи на идентификување на терористи по нападите на САД во 2001. Тој вели дека е тешко да се одвојат општи активисти од оние кои стануваат насилни.
„Има многу луди луѓе кои прават луди работи. Секој од од нив да се следи бара многу ресурси“, вели Клизби.
Некои аналитичари сметаат дека американската армија не може да преживее со екстремисти во нејзините редови. Републиканскиот конгресмен Питер Хекстра од Мичиген е уверен дека ова е нешто што морало да запали црвено светло во разузнавачката заедница.
Поранешниот оперативец на ЦИА додава дека е можно армијата бавно да реагирала.
„Мислам дека причината за тоа е напорот да се биде политички исправен, да се негува мулти-културализмот, како сакате наречете го, дека би било политички неисправно муслиманите да се сметаат за одговорни за она што тој го рекол“, вели тој.
Други, пак, велат дека муслиманите треба да преземат поактивна улога во борба против екстремистите во нивната религија.