Линкови за пристапност

Светот го одбележува крајот на Првата светска војна


Претседателот Барак Обама со сопругата Мишел го започна денот како домаќин на појадок во Белата куќа во чест на Денот на ветераните.

Вашингтон е само едно од местата во САД и во светот каде се одбележува 91-годишнина од договорот за прекин на огнот со кој завршија битките во Првата светска војна. Овој договор официјално беше постигнат „на 11-от час, на 11-от ден во 11-от месец“.

Во Европа и насекаде овој ден е познат како Ден на примирје или Ден на сеќавање.

Во Лондон, британската кралица Елизабета Втора во Вестминистер одржа служба за сеќавање на загинатите војници од оваа земја, со традиционално двоминутно молчење. Ова ќе биде прва церемонија во Британија без последното трио ветерани од Првата светска војна, Вилијам Стоун, Хенри Алингам и Хари Патч починаа порано годинава.

Последниот британски ветеран од Првата светска војна е 108-годишниот Клод Чулс, кој живее во Перт, Австралија. Френк Вудруф Баклс, на 108 години, е последниот Американец, ветеран од Првата светска војна.

Во Париз, францускиот претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел учествуваа на церемонија на Споменикот на незнајниот јунак во Франција.
Меркел е прв германски лидер да го одбележи овој ден на свеченост во Франција.

Сојузничките сили на Франција, Британија и САД ја поразија Германија и нејзините помали сојузници во таканаречаната „војна за ставање крај на сите војни“ што ја разниша Европа.

Празникот во САД беше познат како Ден на примирјето се` до 1954-та, кога претседателот Двајт Ајзенхауер потпиша закон и го преименува во Денот на ветераните од сите војни.

XS
SM
MD
LG