Американскиот претседател Барак Обама ги отфрли критиките дека неговата администрација не вложува доволно напори да изврши притисок врз Кина за решавање на горливи прашања како што е почитувањето на човековите права.
Обама истакна дека на оваа тема ќе разговара со кинескиот претседател Хју Џинтао за време на неговата прва турнеја низ Азија откако се наоѓа на функцијата.
Во интервју за новинската агенција Ројтерс, американскиот лидер изјави дека со својот кинески колега планира да покрене бројни прашања како климатските промени, трговијата и човековите права. Во однос на критиките дека неговата администрација го занемарува проблемот со човековите права, Обама истакна дека неговите изјави се „целосно во согласност“ со силната определба за решавање на ова прашање.
Претседателот ќе замине за Азија во четврток, при што ќе ги посети и Шангај и Пекинг.
Обама беше критикуван и заради неговата одлука да ја одложи средбата со тибетскиот духовен лидер Далај Лама по посетата на Кина. Белата куќа соопшти дека Обама планира да се сретне со Далај Лама во декември.