Линкови за пристапност

САД и Германија вршат притисок за реформи во Авганистан


Администрацијата на претседателот Обама и новата влада во Германија ги разгледуваат своите воени ангажмани во Авганистан, испраќајќи порака до претседателот Хамид Карзаи дека од него очекуваат спроведување на крупни реформи во земјата.

Ова прашање доминираше на разговорите на американската државна секретарка Хилари Клинтон со новиот германски колега, Гуидо Вестервел.

Клинтон и Вестервел на заедничка прес-конференција ставија јасно на знаење дека очекуваат Карзаи да се обиде да ја прошири својата влада и да се справи со проблемите со корупција за кои постои детална документација.

Вестервел, кој минатата недела беше во официјална посета на Вашингтон во рамки на дводневниот самит меѓу САД и ЕУ, истакна дека Авганистан има потреба од влада што ќе го претставува целиот народ и која ќе покаже волја на добро управување.

Клинтон истакна дека САД и сојузниците на НАТО не се во Авганистан од алтруистички причини, туку да се справат со реалната закана по безбедноста од, како што го нарече, „синдикатот на тероризмот“, предводен, финансиран и инспириран од Ал Каида.

Таа додаде дека определбата за испраќање на дополнителни трупи мора да се совпадне со напорите на Карзаи за подобро управување со земјата.

„Секаква определба од владите и народот од САД, Германија и другите кои ги здружија силите со нас, како преку НАТО, така преку меѓународните сили, мора да биде примена со уште посилна определба од страна на новата влада на претседателот Карзаи. Тоа значи да се обезбедат услуги за народот на Авганистан, да почнат напори за искоренување на корупцијата и да се има поголема одговорност и транспарентност во владините редови“, вели американската државна секретарка.

Претседателот Барак Обама ги разгледува армиските предлози за испраќање на дополнителни 40-тина илјади војници во Авганистан, додека иднината на германското воено присуство во оваа земја, беше клучно прашање за време на изборите во Германија во септември, што придонесе за реизбор на канцеларката Меркел.

Министерот за надворешни работи Вестервел вели дека приоритет на Германија е да и` помогне на авганистанската влада да се оспособи за самоодбрана.

„Сакаме да се осигураме дека Авганистан е способен самиот да се брани. Доколку сакаме ова да се оствари, тогаш мора да гарантираме дека Авганистан ќе има сопствена безбедносна инфраструктура, да има таков систем, заради што сакаме да помогнеме тој да се изгради“, вели шефот на германската дипломатија.

Германија во моментов има околу 4.200 војници во Авганистан, распоредени главно во релативно мирниот северен дел во земајта со акцент на обезбедување обука. Новата германска влада истакна дека ќе ја преиспита ситуацијата со бројот на војниците на почетокот на наредната година.

XS
SM
MD
LG