Глас на Америка: Предводите делегацијата на Собранието на Република Македонија во Вашингтон и остваривте средби со сенаторот Џорџ Воиновиќ и конгресмените Марк Саудер и Хери Мичел. За што разговаравте?
Вељаноски: Во рамки на повеќедневната посета на Вашингтон, првенствено учествував како претставник од Македонија на Светската конференција за парламенти. Тоа се искористи од наша страна за повеќе средби со сенатори и конгресмени. Од нивна страна со целосно задоволство беше прифатен целосниот напредок што го направи Република Македонија. Беа запознати целосно со ситуацијата. Добивме целосна поддршка за интеграционите процеси што треба да се случат во Македонија, првенствено за интегрирање во НАТО и во ЕУ.
Глас на Америка: Медијаторот Нимиц најави нова рунда преговори во Њујорк. Дали на средбите со американските претставници беше изразена надеж дека може да дојде до придвижување на процесот до Советот на министри на ЕУ?
Вељаноски: Од нивна страна беше поздравен целосниот напредок што го има направено Македонија, со укажување дека сепак треба во однос на спорот што го имаме со Грција да се дадат некои позитивни резултати. Од моја страна беше укажано дека Република Македонија е заинтересирана за продолжување на преговорите. Од страна на медијаторот Метју Нимиц има покренато иницијатива за средба на преговарачите, која можеби треба да се организира пред декември и на која би биле одредени резултати, за да може Република Македонија сепак да добие датум за преговори. Но, да не биде тоа еден вид услов што мора да се заврши за да сепак до декември се добие датум за преговори. Ние искажавме целосна подготвеност. Им искажав на господата конгресмени и сенатори дека Република Македонија е подготвена за разговори на оваа тема и очекуваме побргу да започнат тие преговори.
Глас на Америка: Дали останува американската заложба за што е поскоро членство на Македонија во НАТО, напоредно со изнаоѓањето на решение на спорот со името?
Вељаноски: Сите конгресмени кажаа дека за целиот регион е многу важно Македонија побргу да стане членка на НАТО (не само Македонија, туку и другите држави), поради познатите причини кога земјата не доби покана во Букурешт, и бараат што побргу, ако може да се изнајде решение, но не во краен случај со одредување на точен датум до кога мора да се заврши тој процес. Но, од нивна страна беше побарано да започне тој процес, да се дадат некои позитивни сигнали.
Глас на Америка: Македонија учествува со свои војници во мисиите во Авганистан и во Ирак. Дали на средбите со американските претставници стана збор за евентуално зголемување на нивниот број, со оглед на тоа што американскиот претседател Барак Обама врши преглед на стратегијата во Авганистан и размислува за барањето на главниот американски командант за дополнителни засилувања?
Вељаноски: Не. Од нивна страна беше искажана благодарност за целосната поддршка што ја дава Македонија во светската борба против тероризмот. Не стана збор за зголемување на бројката, туку беше искажана благодарност за досегашната и идната соработка на Македонија во однос на испраќање на војници.