Американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања Филип Гордон смета дека прашањето за името може да се реши.
„Точно е дека договор е можен, а важно е и да се реши, во интерес на двете земји. Меѓутоа, тие треба да постигнат согласност“, кажа Гордон на прашање на Гласот на Америка на македонски за неодамнешната изјава на сенаторот Бен Кардин дека спорот меѓу Македонија и Грција околу името е решлив, доколку обете страни се подготвени на „разумни отстапки“.
„Грција има нова влада, а неодамна се одржа и средба меѓу лидерите на обете страни. Процесот го предводат ОН, но и ние имаме удел и интерес и го охрабруваме тој процес, бидејќи ќе обезбеди натамошен придонес за стабилноста на Балканот и за подобри односи меѓу двете страни“, изјави Гордон во Националниот прес- клуб во Вашингтон, каде говореше за односите меѓу САД и ЕУ со акцент на дводневниот самит меѓу обете страни во Вашингтон.
Во однос на глобалните предизвици ширум светот, како Иран, Авганистан, климатските промени и финансиската криза, Гордон смета дека се потребни посилни и поинтензивни односи со Европа. Тој го цитираше претседателот Обама дека САД не можат самите да справат со овие предизвици, ним им се потребни силни партнери, а дека нема подобри, покорисни и посериозни како оние од Европа.