Линкови за пристапност

13 мртви и 31 повреден во пукање во армиска база во Тексас


Петок е прогласен за ден на жалост во армиската база Форт Худ во сојузната држава Тексас, во знак на сеќавање на жртвите на вчерашниот напад - еден од најкрвавите оружани инциденти во американската историја.

13 лица загинале а 31-но било повредено кога армиски психијатар наводно отворил оган од два пиштола во четвтртокот во објект каде војниците се подготвувале за испраќање на мисии во странство, соопштија властите. Наводниот напаѓач е идентификуван како мајор Нидал Малик Хасан од сојузната држава Вирџинија. Според првичните медиумски извештаи, Хасан загинал во престрелката со армиски и цивилни полицајци, но главниот командант на базата, генерал-полковникот Роберт Кон подоцна изјави дека Хасан преживеал. Генералот Кон ги коригираше и претходните медиумски тврдења дека во престрелката загинал цивилен полицаец.

Генералот вели дека се` уште не се знае мотивот за нападот, но поранешен колега на Хасан тврди дека тој бил енергично против американските воени операции во Ирак и Авганистан и се надевал дека претседателот Барак Обама ќе ги повлече американските војници од овие земји. Колегата тврди и дека Хасан требало да биде испратен за Авганистан.

Хасан ја добил медицинската диплома од армиска установа во 2003-та. Тој шест години работел во Армискиот медицински центар Волтер Рид во Вашингтон, пред да биде префрлен во Форт Худ во јули.

Претседателот Обама го окарактеризира инцидентот како „ужасен излив на насилство“ и рече дека е ужасно што лицата кои `и служат на својата земја биле нападнати на американска почва.

Потпретседателот Џо Бајден издаде соопштение во кое се вели дека во мислите и молитвите му е целата заедница Форт Худ додека се справува со последиците на трагедијата.

Форт Худ е една од најголемите американски бази што служи како главен центар за обука на војниците кои заминуваат во Ирак и Авганистан. Базата беше под притисок на повеќекратни испраќања на војници и пост-борбен стрес. Годинава 10 војнициод Форт Худ извршиле самоубиство.

Форт Худ се наоѓа близу градот Килин, што беше сцена на едно од најкрвавите масовни убиства во американската историја. Во 1991-ва, вооружен напаѓач уби 22 лица кога со своето возило удри во излогот на кафетерија.

XS
SM
MD
LG