Линкови за пристапност

Бен Кардин: Прашањето за името е решливо


Демократскиот сенатор од сојузната држава Мериленд Бен Кардин во интервјуто за Гласот на Америка вели дека прашањето за името може да се реши доколку обете страни се подготвени на „разумни отстапки“.

Во Атина, каде предводел меѓупартиска конгресна делегација на Самит за безбедност во енергетскиот сектор и климатските промени, сенаторот Бен Кардин неодамна разговарал со новиот грчки премиер Јоргос Папандреу и добил впечаток дека бара начини за решавање на некои од долготрајните спорови со соседите.

„Очигледно, тоа е главен проблем што го блокира напредокот во регионот меѓу Грција и Македонија. Се надеваме дека ќе има решение за името, што ќе биде прифатливо за сите страни и дека ќе се преговара со добра волја за да се најде решение за ова прашање“, вели Кардин.

Сенаторот, кој е претседавач на Американската хелсиншка комисија, смета дека прашањето е решливо, доколку обете страни се подготвени на „разумни отстапки“.

„ Како и во повеќето случаи, обете страни треба да бидат разумни и да бидат подготвени да направат разумни отстапки. Мислам дека ова прашање е решливо. Разговарав со лидерите од двете земји и се надеваме дека ќе може да се реши. Прашањето беше блокада за НАТО, но има и други прашања што треба да се решат за членство. Се надевам дека двете страни ќе седнат на маса и ќе бидат разумни. Мислам дека сакаат да направат ова да успее. Ќе успее“, коментира Кардин.

Минатонеделната средба во Брисел меѓу премиерите на Грција и на Македонија за сенаторот е позитивен знак за отворена комуникација, а САД сакаат да го охрабрат таквиот тренд.

Позицијата на САД веќе неколку години е за понатамошно проширување на НАТО, рече Кардин, што е уште една причина зошто Вашингтон сака прашањето со името да се затвори.

XS
SM
MD
LG